Во Македонија се потребни 12 отсто од просечната плата за 50 литри дизел, додека во Словенија 5,5 отсто, исто и во Хрватска, во Бугарија 7,4 отсто, во Германија само 3,6.

Македонија има меѓу најниските цени на горивата во Европа, но возењето е најскапо, бидејќи  за да се наполни еден просечен резервоар со бензин или со дизел, треба да се издвои многу поголем дел од просечната плата отколку во другите земји во регионот, или во Европа. Ова покажува колку животниот стандард кај нас е на ниски гранки, како и дека нагласувањето дека бензините кај нас се најевтини се фрлање прав во очи за да се замагли непријатната вистина колку всушност се ниски платите (и покрај реалниот раст од осум отсто, колку што покажува официјалната статистика) и колку цените го „газат“ стандардот.

Или, како што вели еден пензионер, кој, патем ја има привилегијата да прима максимален износ на пензија, дека порано со 47 илјади денари можел да наточи многу повеќе гориво и да купи многу повеќе производи отколку што сега тоа може да си го дозволи со 76 илјади денари. Ако е така за оние со релативно високи примања, како ли им е на другите што се работ на егзистенцијата?

„Имаме најевтин бензин“ и „состојбата со горивата е стабилна“, се двете пораки кои премиерот Христијан Мицкоски речиси секојдневно ги изговара, било како одговор на новинарски прашања во врска со енергетската криза и мерките што ги планира Владата, било да е на говорница во Собранието или на други настани. Иако кажаното во основа е точно (Македонија навистина има меѓу најниските цени на дериватите на бензинските пумпи, а државните резерви се проценуваат на околу 60 дена, за 30 дена помалку од законски пропишаните), сепак, кога ќе се направи корелација со некои други параметри, како на пример, со просечната плата во земјава или процентот на зголемување на цените на дериватите, работите добиваат поинаква димензија.

Така на пример, последните прегледи на состојбите со цените на горивата во регионот (на крајот на март, некаде, како во Србија цените на горивата се зголемија во петокот) покажуваат дека во Македонија литар дизел чини 1,49-1,55 евра, бензинот од 95 октани е 1,44-1,50 евра, а од 98 октани е 1,50 – 1,55 евра. Истовремено во Србија цените се 1,60-1,70 евра за литар дизел и 1,50-1,60 за бензинот, во Црна Гора дизелот е 1,60-1,70 евра а бензинот 1,65-1,75 евра, во Словенија литар дизел е 1,53-1,60 евра и 1,55-1,70 евра е литар бензин итн…

Ако се прави споредба со поразвиените западноевропски земји, разликата ќе биде уште поочигледна. Во ЕУ просекот за литар бензин е 1,78 евра, а за дизелот 1,96 евра.

Она што како заклучок може да се изведе е дека најевтино гориво во регионот плаќаат граѓаните на Косово и на Босна и Херцеговина, а најскапо во Грција, што се објаснува со повисоките даноци таму.

Сепак, ако се земат предвид просечните плати, исплатени во земјите во регионот и колку со нив може да се наполни бензин или дизел, што е многу пореална споредба и показател за животниот стандард, тогаш работите стојат вака:

Во Македонија за една просечна плата може да се добијат 500 литри бензин и 420 литри дизел, додека во Србија 511 литри дизел, во БиХ 600 литри бензин и 474 литри дизел, во Црна Гора 523 литри дизел, во Бугарија 768 литри бензин и 672 литри дизел, во Хрватска околу 963  литри бензин и 890 литри дизел, а во Словенија 1.020 литри бензин и 912 литри дизел.

Послабо од Македонија стојат единствено Албанија и Косово. Во Албанија со просечна плата може да се добијат 360-390 литри бензин и 350 литри дизел, а во Косово 400-440 литри бензин и 320-380 литри дизел.

Но, ако во сооднос се стави на пример колку проценти од платата се потребни за 50 литри гориво, колку што изнесува еден просечен резервоар во автомобилите, тогаш сликата е уште понеповолна за Македонија. Во Македонија се потребни 11,8-11,9 проценти од просечната плата за 50 литри гориво, додека во Словенија на пример само 5,5 проценти, колку што е отприлика и во Хрватска (5,6 отсто), а во Бугарија 7,4-7,5  отсто, во БиХ е околу 10,5 отсто, во Србија околу 9,7 отсто, тука некаде е и Црна Гора со 9,5-9,6 отсто.

Да не зборуваме со поразвиените држави во Европа, каде што иако бензините се значително поскапи отколку кај нас, повисоките примања прават тој трошок да е.многу поподнослив. Така на пример, во Франција каде што литар дизел на крајот на март беше 2,194 евра, за 50 литри биле потребни 109,7 евра, но тоа е само 4 отсто од просечните примања таму. Во Германија горивата се уште поскапи, таму за 50 литри резервоар со дизел на крајот на минатиот месец требало да се платат 115,5 евра, но тоа изнесувало само 3,6 отсто од просечната плата. Чесите требало да издвојат 5,7 отсто од просечната плата за еден резервоар од 50 литри со дизел, а во нешто понеповолна ситуација се единствено Грците, со 9,7 отсто.

Заклучокот е дека граѓаните во Македонија и покрај ниските цени на горивата, трошат многу поголем дел од платата за да го наполнат резервоарот отколку во Словенија и Хрватска, односно дека ниските плати ја прават Македонија меѓу најскапите земји за возење.

Инаку, премиерот Мицкоски во вторникот минатата недела одговарајќи на новинарски прашања во однос тоа дали ќе се продолжи мерката намалено ДДВ од 18 на 10 отсто за горивата и дали можеби ќе се интервенира кај акцизата, рече дека ние сме единствената земја во регионот која што оваа недела не ги зголеми, односно ги намали цените на горивата.

„Безоловниот 95 и 98 октански е намален за 2,5 денари, а дизелот не се зголеми“, рече Мицкоски, додавајќи дека „убедливо имаме најевтини цени на горивата во регионот“.

Но, премиерот во своите одговори не ги зема и другите параметри, како соодносот со просечната плата и колку проценти од платата се потребни да се наполни еден резервоар, бидејќи на таков начин всушност ќе се покаже дека состојбата кај нас и не е толку розова.

Ако се земе уште еден параметар, а тоа е колку горивата кај нас се зголемиле во однос на состојбата пред почетокот на војната против Иран, ќе се види дека и тука Македонија не стои сјајно. Како што покажуваат повеќе инфографики во медиумите во светот, најголемо е зголемувањето на Филипините (над 80 проценти), додека без поскапување се некои од арапските држави, како на пример Саудиска Арабија. Во Македонија цената на дизелот е зголемена за 48 отсто, што не е највисоко, но е далеку од најниското зголемување. Во САД, цените на дизелот скокнале за 41 отсто, а полоши сме и од Франција на пример каде што дизелот поскапел за 27,8 отсто, или во Германија за 30,9 отсто, во Велика Британија за 18 отсто и тн.

Премиерот Мицкоски исто така постојано потенцира дека во „историски најголемата нафтена криза“, по онаа во седумдесеттите години на минатиот век, „ние како држава рефлектираме стабилност и сигурност и план да се справиме со овој предизвик“.

„Јас ги уверувам граѓаните дека во овој момент состојбата е стабилна и не гледам апсолутно никаква причина за страв од немање енергенси, воведување на не знам какви кризни состојби и во делот на пазарот на електрична енергија и во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати. Што ќе се случува за месец, два, три, пет, не знаеме. Можеме да претпоставиме, да собираме информации, да анализираме и да носиме одлуки. Предизвици ќе има, тоа не зависи од нас. Зависи од други фактори во светот, но ние како Влада ќе реагираме исклучиво во интерес на граѓаните“, изјави завчера Мицкоски.

И по овој став премиерот е речиси единствен, бидејќи во Европа особено, е вклучена тревога. Според сите навестувања кризата ќе се почувствува уште во текот на април, а ваквите прогнози се должат на сознането дека дневниот кусок на нафта на светскиот пазар е околу 10 отсто, што и покрај активирањето на нафтените резерви на глобално ниво нема да може да се надоместат потребите. Особено што транспортот низ Ормускиот теснец и натаму е блокиран, а низ него поминуваат 20 отсто од светската трговија со нафтени деривати.

Од повеќе земји политичарите повикуваат на штедење, како и на мерки кои ќе ги спасуваат најзагрозените сектори, како што се земјоделството, транспортот и други.

Тешко е да се поверува дека Македонија можеби има „волшебно стапче“ со кое ќе ја избегне кризата која што надоаѓа, па веројатно е подобро и тонот на пораките повеќе да се насочи кон штедење и мерки за најзагрозените категории граѓани и индустриски гранки.

ММФ во својот извештај од посетата на нашата земја предупреди дека енергетската криза ќе влијае врз забавување на растот на БДП оваа година (сега прогнозите се дека БДП ќе се зголеми за 3,1 отсто), како и дека ќе ја поттикне инфлацијата, која според процените на Фондот годинава ќе изнесува 4,5 отсто.

Ова би требало да биде аларм за нашата Влада, а не наместо тоа, од соопштението на ММФ да се „вадат“ делови од типот дека биле препознаени заложбите на Владата за фискална консолидација и слично.

Првиот тест ќе се види веќе во вторник, на 7 овој месец кога Државниот завод за статистика ќе ги објави податоците за трошоците за живот во март (преку кои кај нас се искажува и инфлацијата). А, до тогаш, еве само два индикатори – во четвртокот Статистика објави дека бројот на работници во индустријата е намален за 3,4 отсто во февруари во однос на истиот месец лани, при што во рударството тој процент е уште поизразен – 6,3 отсто, а во средата, пак, дека индустриското производство во февруари 2026 година е намалено за 4,2 отсто во однос на февруари 2025 година.