Во европските финансиски кругови веќе започна трката за наследник на актуелната претседателка на Европската централна банка, Кристин Лагард, иако нејзиното повлекување сè уште не е официјално потврдено.

Се шпекулира дека Лагард би можела да ја преземе водечката позиција во Светски економски форум, што дополнително ги засили позиционирањата и лобирањата меѓу земјите од еврозоната.

Одлуката за новиот прв човек на Европската Централна Банка ќе ја донесат лидерите на 21 земја членка на еврозоната, во период кога се очекуваат и пошироки кадровски промени во институцијата, вклучително и на позициите главен економист и потпретседател.

Како главни кандидати се издвојуваат Клаас Нот, Пабло Ернандез де Кос и Хоаким Нагел. Нивните кандидатури не се само личен избор, туку одраз на пошироката борба за влијание меѓу државите членки.

Процесот е обележан со сложен баланс меѓу „големите“ и „малите“ економии, но и меѓу различните пристапи во монетарната политика – од построги мерки за контрола на инфлацијата до пофлексибилни политики за поттикнување раст.

Според неформалните правила, во раководството на ЕЦБ мора да има претставници од најголемите економии Германија, Франција, Италија и Шпанија, што дополнително го ограничува изборот. Франција веќе двапати ја имала водечката позиција, додека избор на германски кандидат би можел да отвори политички дилеми поради влијанието на Берлин во европските институции.

Во вакви околности, како најсериозни опции се посочуваат Клас Нот, кој има поддршка од северните земји, но важи за „јастреб“ во монетарната политика, и Пабло Ернандез де Кос, кој се смета за поумерен кандидат со силно меѓународно искуство.

Конечниот избор, сепак, нема да зависи само од биографиите, туку од политички договори и распределба на клучните функции, особено позицијата главен економист, која може да биде клучен инструмент за баланс меѓу земјите членки.

Иако процесот веќе е во тек, исходот останува неизвесен, бидејќи ваквите одлуки вообичаено се носат во последен момент, како резултат на комплексни политички компромиси што ќе го одредат идниот правец на монетарната политика во еврозоната.