На месечно ниво инфлацијата кај нас е петта најниска во Европа-изјави премиерот Христијан Мицкоски кој кажа дека мерките со намалувањето на ДДВ-то и акцизите за горивата до сега дале резултати. Државниот завод за статистика измери дека во март годинава инфлацијата се искачи на 4,9 проценти во однос на март лани. Трошоците за храна и безалкохолни пијалоци пораснале за 7,5 проценти. Во однос пак на февруари, таа е повисоки за 0,7%.
„На месечно ниво февруари спрема март инфлацијата е 0,7 проценти и е петта најниска во Европа зад Белгија, Естонија, Словенија и Словачка. Со сиот ризик дека повторно од одредени структури ќе бидам нападнат, но тоа се факти, тоа се бројките.“, изјави Мицкоски.
Дали во вторник на владина седница ќе се донесат нови таргетирани мерки како намалување на Данокот на додадена вредност и ограничување на профитната маржа на трговците ќе се знае откако ќе се разгледа извештајот на пазарните инспектори.
„На последната владина седница го задолживме Министерството за економија и труд да во периодот направи компаративна анализа помеѓу цените на основните прехранбени производи на почетокот на февруари и почетокот на април оваа година. Очекувам сега во вторник, мислам 14-ти ако не се лажам е седницата, така вторник е 14-ти ако е се лажам, министерството за економија и труд ќе излезе со детална анализа и тогаш би можеле повеќе да кажеме“, рече Мицкоски.
Од СДСМ пак обвинија дека народот е гладен додека власта се гоштева.
„Мицкоски, народот е гладен. Граѓаните се со празни фрижидери и празни џебови. Немаат ниту за една скромна Велигденска трпеза. И додека народот едвај преживува, го брои секој денар, вие како Луј XIV, за заедно со владините функционери се гоштевате по скапи хотели со парите на граѓаните. Нема пари за 600 евра минимална плата, нема пари за субвенции, нема пари за младите, а нема пари ниту за мерки за граѓаните“, рече Кузмановска.
И покрај како што предупредуваат експертите дека ова е историски најголемиот обем на криза, премиерот вели како влада прилично стабилно се справуваат. Уверува дека имаме доволна количина на горива. Не се планираат ограничувања за соседите кои точат гориво кај нас иако некои бензински пумпи за 3 до 4 пати ја зголемиле потрошувачката.