Во земја во која жените претставуваат половина од економскиот потенцијал, само 7,8% од вкупните кредити завршува кај компании во нивна сопственост. Пристапот до финансии е една од клучните основи за економска независност, развој на претприемништвото и унапредување на родовата еднаквост. Кога жените имаат еднаков пристап до капитал како и мажите, економијата добива поширока база на активни учесници, повеќе разновидни бизнис идеи и поголема отпорност на економски шокови. Меѓународните истражувања доследно покажуваат дека намалувањето на родовиот јаз во финансирањето носи директни економски придобивки и забрзан раст.

Оттука, анализата на родовата структура во кредитирањето не е само статистичка вежба, туку еден од суштинските индикатори за тоа колку економскиот систем обезбедува еднакви можности. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка во март 2024 година помеѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Народната банка на Република Северна Македонија, се приклучивме на околу 30 земји што ја применуваат глобалната рамка за унапредување на финансирањето на женските бизниси. Преку Народната банка, која е лидер и национален координатор на активностите поврзани со Кодексот, нашата земја се приклучи кон иницијативата We-Finance Code, која се спроведува во соработка со ЕБОР и техничка поддршка на Франкфуртската Школа за финансии и управување.

Оваа рамка поставува заеднички принципи ибара заложби од регулаторите, банките, давателите на финансиски услуги, јавните институции и релевантните организации да делуваат во три клучни области: лидерство, податоци и конкретни мерки. Со вкрстување на податоците од Централниот регистар и Кредитниот регистар на Народната банка, за првпат во земјата се обезбедија детални полово-раздвоени податоци за пристапот до кредити кај микро, мали, средни и големи претпријатија во претежна сопственост на жени. Податоците се однесуваат на состојбата заклучно со март 2025 година.

Сепак, сликата сè уште не е целосна. Во моментов нема информации за причините за одбивање на поднесените апликации по пол, ниту за депозитите на компаниите кои се во сопственост на жени, на што ќе се работи во следните фази на проектот. Затоа не може прецизно да се утврди дали пониското учество на жените во кредитирањето или природата на нивното работење (помалку ризично и насочено кон штедење и користење на сопствени средства) произлегува од помал број барања или од структурни бариери во процесот на одобрување. Ова ја нагласува потребата од систематско следење на целиот кредитен процес преку полово-поделени податоци.

Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) активно учествува во процесот како еден од чинителите, со цел создавање системски решенија за намалување на родовиот јаз во пристапот до капитал. За таа цел, Алијансата ги анализираше достапните податоци, според кои, со состојба на крајот на март 2025 година во земјата се активни 32.469 кредити со вкупна бруто-вредност од околу 4,09 милијарди евра. По број на кредити, 86,22% се доделени на компании во претежна сопственост на мажи, а 13,78% на компании во сопственост на жени.

Разликата е уште поизразена кај вредноста на кредитите: женските компании учествуваат со само 7,83% од Алијанса за родова еднаквост на работно место вкупниот износ, додека над 92% од средствата се пласирани кај машки компании. Просечната вредност на кредитот изнесува околу 68,9 илјади евра кај женските компании, наспроти 135,1 илјади евра кај машките.

Ова се должи и на големината на компаниите. Имено, жените најчесто се сопственички на активни микро и мали компании, кои имаат и помал апсорпциски капацитет. Најголемото нивно учество, и по број и по износ, е токму кај малите претпријатија, што укажува дека овој сегмент е клучен за женското претприемништво. Во сегментите на средни и големи компании, учеството на жените е значително пониско, што упатува на ограничени можности за раст и развој. Дополнително, структурата на кредитите покажува дека компаниите во сопственост на жени почесто користат краткорочни и среднорочни кредити, најчесто за ликвидност и тековно работење. Долгорочните кредити – кои се клучни за инвестиции, проширување и технолошки развој – во поголема мера ги користат компании во сопственост на мажи. Иако распределбата по каматни стапки покажува дека компаниите во сопственост на жени и мажи најчесто користат кредити во средните каматни категории, родовата нерамнотежа останува присутна.

„Кредитната нееднаквост не е само родово прашање, туку економски предизвик што ја
ограничува продуктивноста, иновациите и растот. Организацијата, заедно со сите други вклучени чинители, ќе продолжи да го следи спроведувањето на We-Finance Code, да ги анализира податоците и да предлага мерки за намалување на родовиот јаз, со цел создавање
фер и инклузивен економски систем. Инвестирањето во жените и женските бизниси
претставува инвестиција во побрз и поодржлив економски развој.” велат од GEA.

Паралелно со ова, Алијансата реализира низа активности за унапредување на родовата еднаквост на работното место. Централна платформа е годишната конференција EqualXChange, која петта година по ред собира над 25 говорници и повеќе од 150 учесници од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, со поддршка од меѓународни партнери. Оваа година конференцијата ќе се оддржи под мотото EqualXchange: Money, Mind, Influence на 19 мај во хотел DoubleTree by Hilton, во своето петто јубилејно издание.Покрај конференцијата, реализирани се и специјализирани работилници насочени кон економско зајакнување на жените – од подготовка за пристап до инвестиции, до поттикнување на жените да станат бизнис ангели. Дополнително, преку јавни кампањи, организацијата активно работи на намалување на родовите стереотипи и предрасуди, со цел создавање работна средина во која родот не претставува бариера, туку еднаква можност за успех.

Инаку, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA е иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија која е посветена на создавање инклузивна работна култура и промовирање еднакви можности за сите. Алијансата се залага за три главни столба: еднаква застапеност на мажи и жени на сите нивоа и позиции, еднаква плата за иста работа и еднакви можности за напредок. Работата на GEA ја поддржуваат Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, Сава Пензиско Друштво, и CosLoveMetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се и Сава Осигурување, Евроинс Осигурување, Publicis Groupe, Aristocrat, Avenga Academy, IdeaLab и EOS Мatrix. Повеќе информации за активностите и можностите за приклучување кон Алијансата за родова еднаквост на работното место се достапни на: https://genderequalityalliance.org.