Во нова туристичка препорака, CNN Travel ја издвојува земјава како потценета европска дестинација со планини, езера, манастири, вино и помал притисок од масовен туризам.

Македонија се најде во најновата туристичка препорака на CNN Travel, каде е опишана како европска дестинација што сè уште е надвор од главните туристички рути, иако нуди пејзажи, гастрономија и културно наследство што лесно можат да стојат рамо до рамо со многу поразвикани туристички пазари. Во текстот на CNN, земјава е претставена како планинска и сончева дестинација северно од Грција, со силен локален идентитет и искуство што не е проголтано од гужви и прескапи аранжмани.

Според Си-ен-ен, повеќето посетители на Европа ги издвојуваат Франција, Шпанија и Италија, но континенот има импресивни 44 земји признати од ОН кои вреди да се истражуваат.

За Македонија фокусот не е само на природата, туку и на она што ја прави земјата препознатлива. Во препораката се издвојуваат разновидната кујна, локалните вина, малите патишта низ руралните предели и манастирите што сè уште го чуваат чувството дека ова е простор што не е претворен во туристичка локација без душа. Особено е нагласено дека Македонија нуди слично чувство на откривање како многу популарни европски дестинации, но без редици, метеж и надуени цени.

Меѓу местата што најсилно се врзуваат за оваа слика е Охридскиот Регион. УНЕСКО потсетува дека регионот е впишан на листата на светско наследство за природните вредности во 1979 и за културните вредности во 1980, а Охридското Езеро се смета за едно од најстарите езера во Европа, со исклучително богат ендемски свет. Токму затоа не е изненадување што CNN повторно го става Охрид во центарот на приказната за земјата, заедно со црквата „Свети Јован Канео“, стариот град и манастирските комплекси во регионот.

“Свети Наум, кој стои на работ на Охридското Езеро од 905 година, е уште еден добро познат манастир и вреди да се посети. Охридското Езеро, чии блескави води се наоѓаат јужно од Маврово на границата со Албанија, е бисер на круната на Македонија”, се наведува во текстот.

Во пошироката слика, ваквото издвојување доаѓа во период кога туризмот во земјата бележи раст. Според податоци што ги објавува американската International Trade Administration, повикувајќи се на Државниот завод за статистика, Македонија во 2024 година имала 1.260.425 туристи, што е раст од 7,8 проценти во однос на претходната година, додека бројот на странски туристи пораснал за 13,1 проценти. Истите податоци покажуваат и дека Охрид останува најсилната туристичка точка во земјата, со удел од речиси 80 проценти во туристичките приходи.