Македонските институции се посветени на фискалната консолидација, подобрувањето на дисциплината во управувањето со јавните средства, како и на одржувањето високо ниво на капитални инвестиции со цел поддршка на економијата, нагласила министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, по средбата со извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Јерон Клик, во Вашингтон.
Таа потенцирала дека главен приоритет на Владата останува зачувувањето на макроекономската стабилност и стабилноста на јавните финансии, како предуслов.
– Внимателно се следат глобалните економски предизвици, со цел навремено да се одговори на потенцијалните ризици. Поддршката од ММФ има значајна улога во спроведувањето на реформите и во зајакнувањето на институционалните капацитети. Крајната цел е создавање стабилна економија, која ќе обезбеди сигурност за граѓаните и предвидлива деловна средина за бизнисот – истакнала министерката.
И гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ, во рамките на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на Светската банка. Тој се сретна со заменик-директорот на ММФ – Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ – Алфред Камер, извршниот директор Јерун Клик и со шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја – Ник Гигинеишвили.
– На средбите се разговараше за најновите светски и домашни макроекономски случувања, при што беше нагласено дека зголемените геополитички тензии, вклучително и конфликтот на Блискиот Исток, придонесуваат за зголемена неизвесност во светската економија и влијаат врз изгледите за раст. Во однос на домашната економија, беше оценето дека досегашните трендови се поволни, а добрите политики овозможија да се задржи стабилноста на макроекономските основи. Сепак, со оглед на неизвесноста околу времетраењето и силината на превирањата во светот, се истакнува потребата од понатамошна внимателност и подготвеност за соодветна реакција – потенцираат во соопштението од Народната банка.
Гувернерот Славески истакнал дека Народната банка води претпазлива и конзистентна монетарна политика, насочена кон одржување на ценовната и на финансиската стабилност. Притоа, тој нагласил дека Народната банка внимателно ги следи светските движења и нивното влијание врз домашните показатели, заради навремена и соодветна реакција преку расположливите инструменти. На состаноците се разгледа и новата монетарна рамка на Народната банка, со која се овозможува поефикасно и пофлексибилно водење на монетарната политика, што е особено важно во услови на ненадејни и неповолни промени во економското окружување.