Во секојдневниот живот, многу граѓани имаат потреба од помош во домаќинството – за чистење, грижа за деца или стари лица, како и за мали поправки во заеднички простории, станбени згради или основно одржување. Досега, ваквите ангажмани често се одвиваа неформално, без јасни правила, без заштита и со одреден ризик за вас, но и за лицето што работи.

Со Законот за работно ангажирање на лица се овозможува едноставно и практично решение за овие ситуации, овозможувајќи повремениот ангажман да биде легален, сигурен и лесен за спроведување.

Кога ви треба помош добијте ја лесно

Замислете дека ви е потребна помош за чистење на домот неколку пати месечно. Наместо да работите во ризик и да се прашувате дали можам и смеам некого да ангажирам непријавено и што ќе се случи доколку лицето се повреди – сите овие дилеми се одговорени и уредени со Законот за работно ангажирање со кој процесот станува јасен и едноставен.

Преку е-Работа на Агенцијата за вработување, ангажманот може да се пријави брзо, без сложени процедури. Со само неколку кликови и брз внес на податоци се врши пријава со која и лицето кое ангажира и лицето што работи имаат сигурност дека ангажманот е законски регулиран.

Сигурност и заштита за сите

Со формализирањето на ангажманот, лицето што работи добива осигурување во случај на повреда при работа и евиденција на секој работен ангажман со кој следи и ден стаж. Практично, на овој начин ангажираните лица добиваат можност за стекнување стаж, а со тоа и право на пензија која влијае врз сигурноста и благосостојбата во третото доба.

Истовремено, лицето кое ангажира има јасно дефинирани обврски и избегнува ризици поврзани со непријавена работа. Секојдневниот ангажман наместо несигурен, станува лесен, предвидлив и законски. Двете страни добиваат фер ангажман и соодветна заштита.

Флексибилност што одговара на реалниот живот

Законот е дизајниран да одговара на реалните потреби на граѓаните. Ангажманот може да биде повремен, краткотраен или сезонски – токму онака како што е потребно во секојдневниот живот.

Дополнително, ангажираното лице може да работи кај повеќе лица, што овозможува поголема флексибилност и дополнителни можности за приход.

Без страв од губење на права

Законот ви овозможува легално да ги ангажирате сите граѓани, вклучувајќи ги вработените, самовработените, студентите, пензионерите, како и странците со регулиран престој во државата. Важно е да се напомене дека сите овие лица кои може да бидат ангажирани, нема да ги загубат веќе стекнатите права од здравствена и социјална заштита како на пример – пензијата, стипендијата или социјалната помош.

Едноставно решение за секојдневни ситуации

Законот за работно ангажирање на лица ги претвора неформалните и несигурни ангажмани во јасен, регулиран и сигурен процес.

За граѓаните, тоа значи едноставно ангажирање кога им е потребна помош.
За ангажираните лица, тоа значи работа со заштита и сигурност.

 Повеќе информации за начинот на пријавување и можностите се достапни на: av.gov.mk

За најнови информации, активности и корисни содржини, следете ги каналите на Центарот за истражување и креирање политики:
https://www.facebook.com/crpm.org.mk
https://www.instagram.com/crpm.mk/