Фондацијата „Саса“ потпиша договори за доделување грантови со четири бизнис проекти кои се дел од акцелераторската програма „Започни ја својата бизнис авантура во Македонска Каменица“. Програмата има цел да им помогне на локалните претприемачи да започнат или развијат свои бизниси, со што директно се поттикнува локалниот економски развој. Избраните бизниси ќе добијат грантови до 50.000 евра, соопшти Фондацијата.

Жирито ги избра проектите: „Vila Kalimana Lake View“ – проект за развој на нов туристички комплекс во близина на езерото Калиманци, „Физио актив“ – проект за развој и понуда на организирани тури и туристички услуги со електрични велосипеди,„Micro Greens“ – проект за производство на органски земјоделски култури и „Осоговски плод“ – проект за собирање и преработка на природни шумски плодови.

Од Фондацијата велат дека избраните бизнис идеи припаѓаат во областите кои се идентификувани како приоритетни од  заедницата, по претходно организирани работилници, и имаат висок потенцијал за одржлив развој, како што се туризмот и земјоделството. По потпишувањето на договорите за доделување на грантовите започнува фазата на имплементација, во која избраните корисници ќе продолжат да добиваат стручна поддршка во растот и развојот на нивните бизниси.

На отворениот повик за пријавување на бизнис идеи се пријавија вкупно 18 апликанти, при што во финалниот процес на селекција беа подготвени и разгледани 16 бизнис планови. Покрај доделувањето на финансиски грантови за најдобрите бизнис идеи, акцелераторската програма им овозможи на сите пријавени учесници, преку соодветни обуки и менторство во времетраење од пет недели, да стекнат практични знаења во изработка на бизнис планови и нивна реализација.

„Со оваа програма не инвестираме само во бизнис идеи, туку и во луѓето и во иднината на Македонска Каменица. Нашата цел е да го поддржиме создавањето нови одржливи бизниси кои ќе генерираат нови работни места и долгорочна вредност за заедницата. Ова е само почеток на еден поширок процес на градење претприемачка култура и креирање нови перспективи за младите и за целокупната локална заедница“, изјавија од Управниот oдбор на Фондацијата „Саса“.

Акцелераторската програма е дел од иницијативите на Рудникот Саса, кои се реализираат преку Фондацијата „Саса“, насочени кон долгорочен и одржлив развој на локалната економија и подобрување на квалитетот на живот во заедницата.