Околу 76 милиони евра од вкупно 175 милиони евра предвидени за српските земјоделци преку програмата „ИПАРД 2“ останаа неискористени поради одложувања и недоволен капацитет за апсорпција, објави денеска амбасадорот на ЕУ во Србија, Андреас фон Бекерат.
На отворањето на третиот ден од Европската недела на можности, што се одржа во Крагуевац, тој изрази надеж дека поддршката што ја нуди ЕУ преку тековната програма „ИПАРД 3“ ќе ги надомести пропуштените шанси од претходната програма. Сепак, тој предупреди дека Србија треба да биде внимателна и да не ги пропушти повторно ваквите можности за своите земјоделци.
„ЕУ е најголемиот донатор на Србија. Во периодот од 2014 до 2027 година, на Србија ѝ беа насочени или потрошени околу седум милијарди евра. Од таа сума, шест милијарди беа во вид на донација. Овие средства претставуваат даночни пари на граѓаните на Европската Унија кои пристигнуваат во Србија. Тие пари се наменети за реформи во владеењето на правото, изборното законодавство, слободата на медиумите, зелената транзиција и други области, што всушност е причината за нашите специфични барања кон Србија“, рече фон Бекерат.
Тој потсети дека, благодарение на тие финансиски средства, ЕУ придонесе за изградба на болници, училишта и патишта во Србија, како и за отворање на илјадници работни места во српските компании низ целата земја.
„Сето ова го реализираме од една цел, а тоа е да ја видиме Србија како полноправна членка на ЕУ, при што, како членка, ќе има уште поголеми бенефиции од Европската Унија“, истакна тој.
Фон Бекерат додаде дека сето ова бара силна политичка волја, посветеност од страна на лидерите, но и ангажман од страна на граѓаните за спроведување на владеењето на правото и демократскиот развој.
Тој ги потсети претставниците на владата и носителите на одлуки на средбите дека е неопходно да ги спроведат реформите предвидени од ЕУ, не само затоа што тоа го бара Брисел, туку пред се затоа што тоа е во интерес на граѓаните на Србија.