Течниот нафтен гас, односно плинот, од денеска се продава по пониска цена на дел од бензинските станици во земјата, а Владата овој потег го претстави како прв конкретен резултат од мерките насочени кон намалување на ценовниот притисок врз граѓаните. Владината портпаролка Марија Митева соопшти дека „Макпетрол“ од полноќ ја намалил малопродажната цена на плинот од 59 на 54 денари за литар.

Според истата информација, намалување има и во трговијата на големо, каде што е регистриран пад од 10 денари по килограм, што во пресметка изнесува приближно пет денари по литар. Владата тврди дека и останатите компании на пазарот веќе го следат истиот тренд, па малопродажните цени на бензинските станици се движат меѓу 53 и 54 денари за литар.