Државниот завод за статистика ги објави најновите лаекенски индикатори за 2024 година кои откриваат дека стапката на сиромаштија во Македонија изнесува 21,9 проценти. Ова значи дека повеќе од една петтина од населението живее со приходи кои се под дефинираниот праг на сиромаштија, кој е поставен на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход во државата.
Според официјалните пресметки, прагот на сиромаштија за едночлено домаќинство е утврден на 178.286 денари годишно. За четиричлено домаќинство составено од двајца возрасни и две деца помали од 14 години, овој праг изнесува 374.400 денари на годишно ниво. Статистиката покажува дека доколку се исклучат социјалните трансфери и пензиите од приходите на граѓаните, стапката на сиромаштија во земјата би се искачила на 39,4 проценти.
Најкритична е состојбата кај многучлените семејства и самохраните родители. Кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца, стапката на сиромаштија изнесува 54,8 отсто, доколку се земе предвид дека секое второ вакво семејство се соочува со егзистенцијални проблеми. Слична е состојбата и кај самохраните родители каде процентот на сиромашни изнесува 45,8.
Анализата според економската активност покажува дека невработените лица се во највисок ризик со стапка од 45,7 проценти. Кај вработените лица оваа стапка е значително пониска и изнесува 7,9 отсто, додека кај пензионерите сиромаштијата е застапена кај 12 проценти од оваа категорија граѓани.
Гледано по возраст, децата и младите до 17 години се најзагрозени со стапка на сиромаштија од 29,5 отсто. Кај повозрасната популација над 65 години, овој процент изнесува 20,1. Статистичките податоци за распределбата на богатството покажуваат дека Коефициентот на Џини, како мерило за нееднаквоста, изнесува 29,2 проценти, додека најбогатите 20 отсто од граѓаните имаат 5,2 пати поголеми приходи од најсиромашните 20 отсто од населението.