Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика денеска даде поддршка и ги проследи на натамошно второ читање предлог-законот за младински додаток и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за индустриски зелените зони.
Со предлог-законот за младински додаток се продолжува рокот за примена на овој закон до 31 декември 2028 година. Со законот се овозможува на младите лица до 23 години и вработени во производните области да им се исплаќа младински додаток од 3.000 денари. За таа цел од буџетот на Агенцијата за вработување ќе бидат одвојувани годишно по 126 милиони денари.
Ленче Коцевска, државен советник во Министерството за економија и труд, информира дека од 2020 година, кога првпат е воведен овој закон досега, правото на младински додаток го искористиле во просек 3.092 млади лица годишно или вкупно 18.553 млади лица.
Државниот советник во Министерството за економија и труд, Блерим Златку, информрмира дека со измените и дополнувањата на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за индустриски зелените зони се врши усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), каде што некои темрини, кои постојат во стариот закон, се менуваат со нови во согласност со ЗОРОДУ.
– Министерството за економија се заменува со Министерство за економија и труд, Министерството за транспорт и врски со Министерство за транспорт, терминот „урбанистичко планската документација“ се заменува со зборовите „урбанистичкиот план или урбанистичко планската, односно проектната документација“. Терминот „одобрената урбанистичка планска документација“ се заменува со зборовите „донесениот урбанистички план или одобрената урбанистичко планска, односно проектна документација“. Зборовите „Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“ се заменуваат со зборовите „Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен“. И Република Македонија се заменува со Република Северна Македонија – рече Златку.