Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, во петокот изрази скептицизам во врска со потребата од дигитални валути деноминирани во евро, предупредувајќи дека „стабилна валута“ врзана за еврото би можела да ја наруши работата на ЕЦБ и да ги влоши можните финансиски превирања.

Голем број големи банки од еврозоната, вклучувајќи ја и „Сосиете женерал“, веќе некое време работат на воспоставување крипто средства поврзани со еврото, обидувајќи се да се пробијат на пазарот доминиран од американскиот долар, во потег за кој некои веруваат дека би можел да ја зголеми привлечноста на заедничката валута на Европа.

Но, Лагард рече дека доказите во корист на „стабилните монети“ деноминирани во евра се „многу послаби отколку што изгледаат“ бидејќи таквите валути се изложени на бран инвеститори за време на пазарните превирања и ја ослабуваат способноста на ЕЦБ да ги достигне сите делови од економијата со своите одлуки за каматните стапки.

Овие компромиси ги надминуваат краткорочните придобивки што стабилните монети деноминирани во евра би можеле да ги донесат во однос на финансирањето и меѓународниот дострел, рече шефицата на ЕЦБ во говор во Шпанија.
Ако сакаме да ја зајакнеме меѓународната привлечност на еврото, најефикасниот начин да се постигне таа цел не се дигиталните валути, нагласи Лагард.

Како пример за ризик, таа го наведе падот на вредноста на монетата USD за време на пропаѓањето на Silicon Valley Bank, истакнувајќи дека истражувањето на ЕЦБ покажало дека замената на депозитите со дигитални валути во голем обем може да го ослаби корпоративното кредитирање и преносот на монетарната политика.

Лагард смета дека токенизираните депозити во комерцијалните банки се подобра опција, кои, според нејзино мислење, се побезбедни од „стабилните монети“, но можат да се пренесат и во блокчејн.

Со тие коментари, Лагард зазеде спротивен став од Европската комисија и владите на земјите-членки, вклучително и француската влада, кои ја гледаат „стабилната монета“ деноминирана во евро како алатка за зајакнување на меѓународниот статус на еврото.

Според европските регулативи, издавачите на стабилни монети мора да чуваат најмалку 30 проценти од своите резерви на средства во банкарски депозити, додека остатокот мора да се состои од нискоризични и високоликвидни финансиски инструменти, како што се државните обврзници.