Ребалансот се прави затоа што постојат сериозни проблеми во ликвидноста – мора да се пренаменат пари, за да може да има редовни плаќања од државната каса за капиталните проекти што се во тек, вели Фатмир Битиќи. Никој од Владата не споменува таргетирани мерки.
Во тек е подготовката на ребалансот на Буџетот за 2026 година, а министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информираше дека се почнати состаноците со ресорните министри. Тие треба да известат во каква финансиска состојба се наоѓаат. Треба да се оцени што е најнеопходно, а без што се може.
Првиот состанок е одржан со министерот за здравство Азир Алиу. Сепак, упатените тврдат дека контурите на ребалансот веќе се готови и дека во овие средби има голема доза на популизам.
Ребалансот обично се прави по одминувањето на првото полугодие од годината, а сега причина повеќе се случувањата на релација Америка – Иран.
– Во време на сериозна глобална неизвесност, предизвикана од геополитичките случувања и војната на Блискиот Исток, сите економии – вклучително и македонската – се соочуваат со предизвици поврзани со енергетските текови, инфлацијата и забавувањето на глобалниот економски раст – посочи министерката Димитриеска-Кочоска образложувајќи ги причините за ребалансот.
Според министерката, со ребалансот ќе има пари и за капиталните инвестиции, но и за мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните.
– Остануваме посветени на одговорно и дисциплинирано управување со јавните финансии, со јасен фокус на зачувување на макроекономската стабилност, поддршка на економскиот раст и реализација на капитални инвестиции – нагласи министерката.
Истовремено, таа вели дека „во фокус останува заштитата на животниот стандард на граѓаните преку внимателно креирани мерки, стабилни јавни финансии и политики што ќе обезбедат поддршка за економијата во услови на глобална неизвесност“.
Проблеми со плаќањата
Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен праетник од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи, смета дека ребалансот се прави затоа што постојат сериозни проблеми во ликвидноста. Според него, мора да се пренаменат пари, за да може да има редовни плаќања од државната каса за капиталните проекти што се во тек.
– Состојбите се лоши на приходната страна, затоа што е намалена економската активност. Тоа значи помало прибирање на сите видови на даноци, како и помал износ на придонеси во однос на планираното.
Тоа пак доведува до сериозни проблеми со ликвидноста, затоа е неминовно да се донесе ребаланс на буџетот – изјави Битиќи за „Слободен печат“.
Тој очекува дека на расходната страна ќе има кастрење по 5 проценти на сите ставки, освен за капиталните расходи.
-Токму со кастрењето на другите трошоци ќе се обезбедат парите за капиталните расходи. Во спротивно, со загрозена ликвидност нема да има пари за исплата на тековните проекти – вели Битиќи.
Во изјавата тој уште додава дека очекува да се зголеми буџетскиот дефицит.
– Ако 80 отсто од дефицитот е потрошен до мај, што да очекуваме понатаму. Веројатно тој ќе мора да се зголеми – вели Битиќи.
Според него, не е исклучено и ново големо задолжување.
– Според моите сознанија постојат нови билатерални договори, какви што беа со Унгарија и пак се за задолжување од една милијарда евра. Но, засега нема ништо официјално од тие преговори – вели Битиќи.
Организација на потрошувачи: Со ваква инфлација, мора да има мерки
Од Организацијата на потрошувачи велат дека мора да се најдат пари за заштита на најранливите категории на граѓаните.
– Најголем удар трпат ранливите категории – граѓаните со ниски приходи и пензионерите. За нив мора да има таргетирани мерки, но според досегашните информации во јавноста, такви мерки нема во ребалансот.
Добро е тоа што се направи со намалување на акцизата и на данокот на додадена вредност за горивата, но тоа се недоволни мерки.
Од Владата постојано повторуваат дека Пазарниот инспекторат е на терен и дека од тоа што ќе го забележат зависи што понатаму.
Зборуваат за мало зголемување на цени, но факт е дека априлската инфлација на годишно ниво изнесува 5,7 проценти – изјави за Слободен печат, Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Заклучно со 8 мај, во државната каса влегле речиси 2 милијарди евра, но тоа е само 32,4 проценти од вкупните 6 милијарди евра, колку што тежи државната каса за 2026 година. За разлика од полнењето на касата, податоците од Министерството за финансии покажуваат поревносно празнење, па во истиот период се потрошени 2,54 милијарди евра, или реализацијата на расходната страна е 37,8 проценти.
Влада: Анализираме повеќе мерки
Какви мерки може да очекуваат граѓаните и колку пари се предвидени за нив, прашавме во Владата. Конкретен износ не добивме, а не се спомнаа ни таргетирани мерки за најранливите категории.
– Владата континуирано ги следи економските движења и инфлаторните притисоци, особено во делот на цените на храната, енергенсите и транспортот.
Владата останува подготвена навремено да реагира со соодветни мерки, со цел заштита на животниот стандард на граѓаните и спречување на неоправдани поскапувања.
Паралелно, институциите спроведуваат засилени контроли на терен, а предмет на анализа се повеќе мерки за кои навремено ќе информираме.
Владата останува посветена на одговорни економски политики и одржување на макроекономската стабилност – изјавија од Владата за „Слободен печат“.
Сличен одговор добивме и од Министерството за финансии.
– Во тек се состаноците со буџетските корисници на коишто се утврдуваат приоритетите на кои ќе биде ставен фокус до крајот на годината.
По завршување на состаноците ќе бидат подготвени предлог измени на Буџетот за 2026 година коишто ќе бидат доставени на усвојување на Владата, а потоа и до Собранието.
Фокусот на фискалната политика останува заштитата на животниот стандард на граѓаните преку внимателно креирани мерки, стабилни јавни финансии и политики што ќе обезбедат поддршка за економијата во услови на глобална неизвесност.