На економскиот форум „Надвор од границите“ што се одржа во Скопје, бизнисмени и претставници на институции од Албанија и Македонија побараа продлабочување на регионалната економска соработка, со цел зголемување на трговската размена од 207 милиони на 1 милијарда евра. Амбасадорот на Албанија Денион Меидани нагласи дека Албанија и Македонија треба географската близина да ја претворат во економско партнерство, преминувајќи од дијалог кон реални проекти и инвестиции. Според него, економскиот развој и туризмот не можат да се развиваат без модерна инфраструктура.
„Коридорот 8 е стратешки проект. Тоа е линијата што го поврзува Јадранското со Црното Море. Тоа е патот што ги обединува пазарите, ги скратува растојанијата, ја зголемува безбедноста и ги поставува нашите земји во срцето на новата европска економска архитектура. Во политиката често се зборува за пријателство. Во економијата, пријателството се докажува со проекти. И Коридорот 8 е еден од тие проекти што може соседството да го претвори во партнерство, а партнерството во развојна сила. И токму тоа е предизвикот на нашиот регион денес: да изградиме поголема економска меѓузависност, поголема инфраструктурна поврзаност и поголема реална соработка меѓу нашите земји.“, вели Меидани.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека економската соработка е позитивна, но сè уште далеку од реалниот потенцијал на двете земји.
„Тука пишува дека минатата година трговската размена достигнала 118 милиони евра или зголемување од 40 милиони евра во споредба со 2020 година. Ако го гледате како статистика, тоа е добро. Во првиот квартал од оваа година размената е 38 милиони евра и и тоа, ако го гледате како статистика, е добро, но имајќи ја предвид поврзаноста меѓу двете држави, ние не сме само соседни држави, туку значителен дел од населението во Македонија е од албанска националност и тоа треба уште повеќе да ги поврзе двете држави. Затоа овие бројки сигурно се незадоволителни и треба да бидат многу, многу повисоки.“, изјави Николоски.
Според претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, институционалните и економските празнини подобро ги користат неформалната економија и криминалот отколку формалниот бизнис.
„Што да кажеме за ова, го кажа вицепремиерот, само што тој го кажа во евра, а јас го кажувам во долари: 207 милијарди долари циркулирале минатата година. Јас би рекол дека шверцот и криминалот се пред нас во оваа работа. Тие многу подобро и поефикасно ги користат сите пропусти што ги прават и државата и бизнисот и многу полесно создаваат врски на Балканот, што треба да нè стави на страната што практично е губитничка во целиот процес. Ајде да се обединиме, да ги затвориме празнините, да го легализираме прометот и да ги направиме Македонија и Албанија една држава и еден ентитет што ќе го зголеми прометот од 207 на милијарди евра. Тоа е она што треба да го постигнеме.“, рече Азески.
Во фокусот на дискусиите беа зајакнувањето на инфраструктурната поврзаност, отворањето коридори за земјите без излез на море, олеснувањето на царинските бариери и позиционирањето на пристаништето Драч како стратешка алтернатива на пристаништето во Солун.