Русија моментално извезува најмногу сурова нафта од почетокот на војната во Украина во 2022 година, бидејќи украинските напади со беспилотни летала врз руските рафинерии парадоксално ја принудија Москва масовно да ја пренасочи суровата нафта кон светскиот пазар.
Во четирите недели што завршија на 31 мај, Русија испорача просечно 3,64 милиони барели сурова нафта дневно по море, според најновите податоци собрани од „Блумберг“.
Овогодишниот просек е 3,46 милиони барели дневно, што е за околу 120.000 барели повеќе отколку во 2025 година, а исто така ги надминува и годишните просеци од која било фаза од војната. Украинската војска ги интензивираше нападите со беспилотни летала врз руските нафтени постројки и пумпни станици во мај, што го намали рафинирањето на нафта во Русија на најниско ниво за 16 години.
Москва беше принудена да воведе забрана за извоз на гориво за авиони и бензин поради намалениот капацитет на домашните рафинерии. Целата сурова нафта што повеќе не можеше да се преработува во Русија беше натоварена на танкери и испратена на глобалниот пазар, што го зголеми извозот и профитот на Кремљ.
Количината на руска нафта што моментално е во транзит на море достигна 124 милиони барели, што е за 25 проценти повеќе отколку во средината на април.
Речиси целата количина е на бродови што се движат кон Азија, а не на танкери што чекаат на сидро, што потврдува дека побарувачката на пазарот не се намалува, забележува њујоршката агенција.