Македонија е лидер по раст на авиосообраќајот меѓу земјите надвор од Европската Унија, покажува најновиот извештај на Советот на меѓународни аеродроми (ACI Europe).

Според податоците, во април е регистриран раст на патничкиот авиосообраќај од 30,6 проценти во споредба со истиот период лани, што ја позиционира земјата пред Албанија со 25,3 проценти и Молдавија со 24,6 проценти раст.

Овој резултат ја потврдува позицијата на Македонија како еден од најбрзо растечките пазари во авијацијата и е показател за силното закрепнување на секторот по пандемијата.

На европско ниво, патничкиот сообраќај на аеродромите во април пораснал за 8,5 проценти во однос на истиот месец минатата година, при што сообраќајот е речиси целосно вратен на нивото од 2019 година.

Извештајот покажува дека земјите надвор од ЕУ бележат просечен раст од 13,4 проценти, додека меѓу водечките пазари се и Турција, Казахстан и Узбекистан.

Меѓу најпрометните европски аеродроми останува лондонскиот Хитроу, додека аеродромот во Истанбул продолжува да бележи значителен раст и да ја зацврстува својата позиција како еден од главните воздушни центри во Европа.