Европската Унија направи важен чекор кон создавање на сопствена дигитална валута, проект што би можел значително да го промени начинот на плаќање во еврозоната и да ја намали зависноста од американските платежни гиганти „Виза“ и „Мастеркард“. Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент даде зелено светло за дигиталното евро, отворајќи го патот за финалните политички преговори што треба да завршат до крајот на годинава.

Зад иницијативата не стои само технолошка модернизација на европскиот финансиски систем. Во Брисел сè погласно се зборува за потребата Европа да ја зајакне својата финансиска независност во време на растечки геополитички тензии и неизвесни односи со САД. Според податоците на Европската централна банка, американските компании „Виза“ и „Мастеркард“ контролираат околу 61 отсто од плаќањата со картички во еврозоната и речиси сите прекугранични картични трансакции.

Дигиталното евро би функционирало како електронски паричник гарантиран од Европската централна банка, а на граѓаните би им овозможило плаќања и преку интернет и во физички продавници. За разлика од криптовалутите, станува збор за официјални пари на централната банка, целосно поддржани од ЕЦБ. Намерата не е да се заменат готовината или банкарските сметки, туку да се понуди дополнителен начин на плаќање.

Европската централна банка би ја обезбедувала основната инфраструктура, додека комерцијалните банки и финтек-компаниите би ги нуделе услугите до клиентите. Плаќањата треба да бидат бесплатни за граѓаните, а надоместоците за трговците да бидат пониски од сегашните трошоци за картичните трансакции.

Прашањето како ќе бидат надоместени банките и останатите учесници во системот останува едно од најчувствителните прашања во преговорите. Европската централна банка проценува дека воспоставувањето на системот би чинело меѓу четири и шест милијарди евра во период од четири години.