Цените на нафтата паднаа на нивоата забележани пред почетокот на војната со Иран на крајот на февруари, додека во исто време се зголемува бројот на танкери што минуваат низ Ормускиот теснец, еден од најважните поморски патишта во светот за транспорт на енергија.

Цената на нафтата од типот Брент, која претставува глобален референтен стандард, падна на 72,24 долари за барел во четврток, што е малку пониско од нивото забележано еден ден пред американските и израелските ракетни напади врз Техеран на 28 февруари. Во текот на овој месец, цените паднаа за повеќе од 20 проценти.

Дополнителен сигнал дека во моментов нема недостиг на пазарот е фактот што цената на августовските договори за испорака на нафта е пониска од септемвриските договори, при што септемврискиот Брент се тргуваше со околу 73,59 долари за барел.

Според CNN и компанијата MarineTraffic, бродскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец се дуплирал во последните 24 часа и достигнал највисоко ниво од крајот на февруари.

Вишиот аналитичар на инвестициската платформа „Свискуот“, Ипек Озкардескаја, истакна дека фактот што танкерите повторно минуваат низ теснецот со вклучени сателитски сигнали, што укажува на намалување на безбедносните ризици, придонел за намалувањето на цената.

Како што изјави таа, комбинацијата од ослободување на стратешки резерви на пазарот, падот на побарувачката во Кина и поголемиот број танкери што претходно го напуштија Персискиот Залив без активни системи за следење, доведоа до мал вишок на понуда на одредени пазари.

Главниот инвестициски стратег на „Велт Клаб“, Сузана Стритер, оцени дека стравувањата од долгорочна глобална енергетска криза предизвикана од конфликтот со Иран постепено исчезнуваат.

„Нафтата се враќа на нивоата пред кризата, но и покрај ова, европските пазари остануваат претпазливи. Инвеститорите истовремено ги следат последиците од рекордниот топлотен бран и загриженоста за слабиот економски раст низ цела Европа“, рече Стритер.

Во меѓувреме, танкер регистриран во Либерија го напушти Ормутскиот теснец во четвртокот користејќи нова рута покрај брегот на Оман препорачана од агенцијата на Обединетите нации за поморски транспорт, и покрај заканите од Иранската револуционерна гарда.

Иако минатата недела беше потпишан меморандум за разбирање меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, со кој се предвидува 60-дневен период за преговори за траен мировен договор, тензиите меѓу двете земји повторно растат поради различните толкувања на условите од привремениот договор.

Дополнителна загриженост предизвикува ситуацијата во Либан. Во среда, Израел изврши воздушен напад на југот од земјата во кој загинаа две лица, соопшти либанската државна новинска агенција. Ова е првиот израелски напад врз Либан откако последното примирје стапи на сила минатата сабота.

Сепак, аналитичарите веруваат дека цените на нафтата ќе продолжат да паѓаат бидејќи производителите го зголемуваат производството и постепено се обновуваат инфраструктурните капацитети.

Стритер предупредува дека Европа истовремено влегува во нова енергетска фаза предизвикана од екстремна топлина. Цените на електричната енергија на големо во вечерните часови оваа недела достигнаа повеќегодишни максимуми на неколку европски пазари поради зголемената употреба на системи за ладење во канцелариите, јавните институции и домаќинствата.

Озкардескаја проценува дека цената на нафтата ќе се движи помеѓу 60 и 80 долари за барел во наредните недели.

„Геополитичките ризици не исчезнаа бидејќи Блискиот Исток ретко останува целосно мирен. Во исто време, Кина постепено ќе се враќа на пазарот на нафта како што ќе се намалуваат тензиите, додека голем број земји ќе почнат да ги надополнуваат своите стратешки резерви, што ќе апсорбира дел од дополнителната понуда“, заклучи таа.