Се кратат парите за Агенцијата за вработување (АВРМ) за да има повеќе за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ). Ова е предвидено со предложените измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Измените во Собранието се доставени завчера од пратеници од владеачкото мнозинство и треба да се донесат по скратена постапка. На вчерашните комисиски седници не беа поднесени амандмани.
Сегашната стапка која се издвојува за ПИОМ изнесува 18,8 отсто, со измените во Законот таа ќе стигне до 19,9 отсто. Издвојувањето пак за осигурување во случај на невработеност од сегашните 1,2 отсто ќе се сведе на само 0,1 отсто. Мерката се планира да биде преодна, односно да важи од платата за јуни до платата за декември годинава.
„Со преодното решение ќе се изврши преструктуирање на приходите од придонеси од задолжително социјално осигурување во Буџетот на Република Северна Македонија, а без притоа да се промени вкупната стапка на придонесите кои се плаќаат при исплата на плата на вработените. Збирната стапка на поединечните стапки на придонеси од задолжително социјално осигурување кои работодавачите ќе имаат обврска да ги уплатат за своите вработени ќе остане иста како постојната збирна стапка од 28 отсто, па од тој аспект и трошоците на компаниите по овој основ ќе останат исти“, стои во образложението на измените предложени од група пратеници од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Целта на законското решение е зајакнување на финансиската стабилност на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, во услови кога Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија има вишок на акумулирани депозитни средства, образложуваат предлагачите.
Има ли спас за ПИОМ?
Предложеното законско решение доаѓа само на неколку дена по објавената ревизија за работењето на државниот пензиски фонд. Ревизијата констатираше дека иако приходите на ПИОМ од наплатени придонеси растат (во 2024 година се зголемиле за 14 отсто во однос на претходната) остануваат недоволни за покривање на пензиите. Дупката се покрива со сѐ повеќе пари кои до Фондот се трансферираат од државниот буџет.
Ревизијата утврди дека Фондот не врши навремена уплата на придонесите и за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, иако има законска обврска за тоа.
„Во 2024 и 2025 година исплатите се вршени со задоцнување од неколку месеци, при што до 28.02.2026 година придонесите се исплатуваат со доцнење од осум месеци. Вкупната неисплатена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува 8.415.865 илјади денари односно 136.400.000 евра. Оваа состојба овозможува пензионерите да користат здравствени услуги без навремено уплатени придонеси, што негативно влијае и врз ликвидноста на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“, стои во ревизорскиот извештај.
Вториот столб – клучна тема за реформа на пензискиот систем
Ревизијата укажува на слабости во начинот на пресметката и навремената уплата на придонесите за осигурениците во вториот пензиски столб. Иако Фондот ги изготвува пресметките и ги доставува до надлежното министерство во законски утврдениот рок, средствата не се трансферираат навремено, при што во 2024 година доцнењето изнесува во просек околу два месеца.
Заклучно со 27.02.2026 година, утврден е долг од 2.592.918 илјади денари или над 42 милиони евра по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва.
Истовремено, премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“ зборуваше дека вториот пензиски столб треба да биде една од клучните теми во најавите за реформи на пензискиот систем.
Тој рече дека воведувањето на вториот столб било направено со добри намери, но дека од денешна перспектива не е сигурен дека ќе ги даде очекуваните резултати. Според него, голем дел од корисниците можеби нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки. Прашањето е што ќе прави државата ако вториот пензиски столб не обезбеди пензии какви што очекувале граѓаните.
Дел од идеите што се разгледуваат се дали идните пензионери прво целосно би ја искористиле заштедата од вториот столб, а потоа, откако оваа сума ќе се исцрпи би преминале со пензиите во ПИОМ, со што државниот фонд би добил простор за стабилизација.
„Жалам што од денешна перспектива воопшто е влезено во правење на оваа реформа, имајќи предвид дека голем дел од европските земји и членки на Европската Унија имаат само еден столб. Не знам дали очекуваните резултати ќе се добијат. Да бидам попрецизен, сигурен сум дека намерата била добра, но од денешната перспектива загрижен сум дека голем дел од корисниците нема да бидат задоволни“, рече Мицкоски.