ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЗАЧИ ПОД СЀ ПОГОЛЕМ ПРИТИСОК
Професионалните возачи од Македонија и регионот работат во услови на сè построги европски правила, недостиг на кадар, сезонски ограничувања и зголемени оперативни трошоци. Иако меѓународниот транспорт е клучен за европската економија, превозниците предупредуваат дека административните пречки и новите регулативи сериозно им ја намалуваат ефикасноста и конкурентноста. Товарот од промените најмногу паѓа врз нив бидејќи секојдневно се зад воланот
Меѓународниот транспорт останува еден од најважните столбови на европската економија, но професионалните возачи, особено оние од Македонија и останатите земји од Западен Балкан, секојдневно се соочуваат со нови административни, законски и оперативни предизвици. Наместо олеснување на работата, новите европски правила, недостигот на работна сила и дополнителните ограничувања создаваат сè посложени услови за секторот кој ја обезбедува непречената испорака на стоки низ целиот континент.
Еве и јуни изминува, а еден од најголемите проблеми и натаму останува примената на шенгенското правило „90 дена во период од 180 дена“, кое продолжува да важи и за професионалните возачи од земјите кои не се членки на Европската Унија. Иако тие практично извршуваат работни задачи во интерес на европската економија, формално се третираат како краткорочни посетители, што значително го отежнува организирањето на меѓународниот транспорт.
Дополнителен предизвик претставува целосната примена на новиот систем за влез и излез (ЕЕС), кој автоматски го регистрира секое влегување и излегување од Шенген-зоната. Според превозничките здруженија од Македонија и регионот, системот повеќе не остава простор за административни толкувања или практична флексибилност. Секој ден престој се пресметува прецизно, а секое надминување на дозволениот рок може да резултира со санкции.
За транспортните компании тоа значи дополнителни трошоци, почести ротации на возачите, покомплицирано планирање на маршрутите и намалена ефикасност. Дел од превозниците предупредуваат дека возачите понекогаш се принудени да чекаат надвор од Европската Унија за да не го надминат дозволениот број денови престој, што директно влијае врз конкурентноста на компаниите од регионот.
Но, административните ограничувања не се единствениот проблем.
Како што објавуваат на фејсбук-профилот „Камионџии од Балканот“, кој во изминатиот период прерасна во еден од најследените извори на информации за транспортната заедница во регионот, со почетокот на летната туристичка сезона, повеќе европски држави воведуваат дополнителни сезонски забрани за движење на тешки товарни возила. Германија, Франција, Италија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Хрватска и Словенија повторно воведуваат ограничувања во јули и август, најчесто за време на викендите.
– За превозниците, тоа значи уште посложено планирање на испораките, подолги застои и ризик од високи казни доколку не се почитуваат националните распореди на забрани, велат „Камионџии од Балканот“.
Паралелно со административните и логистичките предизвици, според нив, останува актуелен и проблемот со заморот кај професионалните возачи.
Европската федерација на транспортни работници (ЕТФ) предупредува дека долгите работни часови, нередовните распореди и недостигот од безбедни паркинзи и места за одмор претставуваат сериозен безбедносен ризик. Истражувањата покажуваат дека повеќе од 60 проценти од возачите признаваат дека продолжуваат да возат и кога се уморни, додека секој трет барем еднаш заспал зад воланот, бидејќи немал можност навреме да застане и да одмори.
Во меѓувреме, европскиот транспортен сектор се соочува со хроничен недостиг на професионални возачи. Недостигот веќе не се решава само преку регрутирање кадар од Источна Европа, туку компаниите сè почесто се насочуваат кон Африка и Азија. Така, литванското здружение на превозници „Линава“ започна иницијатива за регрутирање возачи од Гана, кои ќе поминуваат специјализирани обуки според европските стандарди, ќе полагаат Code 95 на англиски јазик и ќе бидат обучени за европските правила за работно време, тахографи и безбедност.
Истовремено, европските држави продолжуваат да воведуваат нови финансиски обврски за транспортниот сектор. Од 1 јули 2026 година Холандија го заменува системот Еуровињета со километарска наплата за сите товарни возила над 3,5 тони. Наместо фиксна вињета, превозниците ќе плаќаат според реално изминатите километри, при што висината на надоместокот ќе зависи од тежината на возилото, еколошката класа и емисијата на CO₂. Тоа значи нови оперативни трошоци и уште поголема потреба од прецизно планирање на маршрутите.
И покрај сите овие предизвици, транспортниот сектор останува еден од најдинамичните сегменти на европската економија. Во Велика Британија, преку кампањата „Национална недела на камионскиот транспорт 2026“, институциите и компаниите се обидуваат да привлечат повеќе млади луѓе во индустријата, покажувајќи дека транспортот не значи само работа зад воланот, туку нуди можности за кариера како транспортни планери, диспечери, логистички координатори и менаџери.
Во меѓувреме, македонските професионални возачи продолжуваат секојдневно да работат во сложени услови, постојано приспособувајќи се на нови правила, ограничувања и обврски. Велат дека без системски решенија на европско ниво, административните ограничувања, недостигот на возачи, сезонските забрани, новите патарини и зголемените оперативни трошоци дополнително ќе ја намалуваат конкурентноста на компаниите од Македонија и регионот.