Од бизнис-идеја до сопствена работилница. Охриѓанецот Благој Христоски се надева дека со поддршка од мерките за самовработување ќе го оствари својот сон и ќе отвори работилница за фарбање на метал и дрво. Неговата е само една од стотиците приказни на млади луѓе кои својата иднина ја гледаат дома.

Охриѓанецот Благој Христоски се надева преку мерките од Оперативниот план да го оствари сонот и да отвори работилница за фарбање метал и дрво. Бизнис-планот веќе го изработил, апликацијата е поднесена, а сега со надеж го очекува исходот, верувајќи дека поддршката од државата ќе му помогне неговата идеја да стане реалност.

Ова е само една од стотиците приказни на млади луѓе кои својата иднина ја гледаат дома.

„Се надевам дека ќе ги одвратат младите од заминување во странство, да не ја напуштаат оваа држава. Сепак вреди да си дома, дома си е дома“, изјави Благој Христоски, апликант од Охрид.

Голем број млади охриѓани се заинтересирани за активните мерки и програми за вработување предвидени со Оперативниот план, каде се издвоени 40 милиони евра.

„Тоа значи дека целта на Владата и на Министерството за економија и труд, преку Агенцијата за вработување, не е само да ги дадеме овие пари, туку навистина да им помогнеме на луѓето да отворат бизниси, да ги мониторираат и да ги развиваат“, истакна Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.

Најголем интерес има за мерката самовработување, заклучно со крајот на минатата недела, поднесени се над 2.800 апликации.

Апликациите се од најразлични дејности. Што се однесува до дејностите, можност за аплицирање има секое невработено лице, активен барател на работа, со завршено минимум средно образование, кое има сопствена бизнис-идеја и сака да основа сопствен бизнис.

Право на аплицирање имаат млади, долгорочно невработени и лица од ранливи категории. Лани Оперативниот план го искористиле 12 илјади лица, а годинава се очекува таа бројка да биде надмината.