Германската влада најави серија реформи со кои значително ќе се заострат условите за користење боледување. Според новите правила, работниците ќе мора уште од првиот ден на отсуство од работа лично да посетат лекар и да обезбедат потврда дека се неспособни за работа.

Канцеларот Фридрих Мерц изјави дека бројот на денови поминати на боледување е превисок и дека тоа негативно влијае врз продуктивноста и конкурентноста на германската економија.

„Создаваме механизми што ќе им помогнат и на работниците и на компаниите да ја подобрат оваа состојба“, изјави Мерц, додавајќи дека телефонските потврди за боледување ќе бидат укинати.

Досега во Германија вработените можеа да отсуствуваат од работа неколку дена без лекарска потврда, а еднонеделно боледување можеше да се добие и по телефонски разговор со матичен лекар. Со новите измени, овие можности ќе бидат укинати.

Според канцеларот, мерките се неопходни поради значителниот пораст на боледувањата по пандемијата.

„Свесни сме дека ова не е лесна одлука, но Германија повеќе не може да си дозволи загуби во продуктивноста поради долгите отсуства од работа“, рече Мерц.

Предлогот доби поддршка од деловната заедница, но наиде на остри критики од синдикатите и лекарските здруженија. Претседателот на синдикатот „Верди“, Франк Вернеке, оцени дека владата создава „култура на недоверба кон работниците“.

Негодуваат и матичните лекари, предупредувајќи дека новите правила ќе доведат до голем притисок врз здравствениот систем, бидејќи ординациите ќе бидат преплавени со пациенти на кои не им е потребен преглед, туку одмор дома.

Овие мерки се дел од поширок пакет економски реформи што ги усвои владејачката коалиција. Покрај промените во боледувањата, пакетот предвидува даночни олеснувања во вредност од 10 милијарди евра, финансирани со повисоки даноци за најбогатите, како и постепено зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години.

Германската економија во последните години се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои високите цени на енергијата, засилената конкуренција од Кина и неизвесноста предизвикана од американската трговска политика. Според податоците на ОЕЦД, Германија е меѓу европските земји со најголем број денови поминати на боледување, со просек од 3,6 недели годишно по вработен.