Компанијата за платежни услуги Stripe и приватната инвестициска компанија Advent International поднеле заедничка понуда за преземање на PayPal, со која компанијата е проценета на повеќе од 53 милијарди долари, објави Ројтерс, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.

Понудата изнесува 60,50 долари за акција, што претставува премија од околу 28 проценти во однос на цената по која акциите на PayPal го завршија тргувањето во вторникот. Предлогот е поддржан со околу 50 милијарди долари банкарско финансирање.

Според изворите, понудата била доставена на почетокот од јули, по првичниот пристап во април. PayPal засега не одговорил на предлогот, а Stripe и Advent планираат да ги интензивираат разговорите во следните недели.

Доколку договорот биде постигнат, Stripe и Advent би поседувале еднакви удели во PayPal, без делење на компанијата на одделни деловни единици. Сепак, изворите предупредуваат дека нема гаранција оти понудата ќе резултира со конечна трансакција. Компаниите не ја коментирале информацијата.

PayPal, кој беше еден од пионерите во дигиталното плаќање, во последните години се соочува со посилна конкуренција и забавување на растот. Компанијата изгуби повеќе од 40 проценти од својата пазарна вредност во изминатите 12 месеци, додека нејзината капитализација е значително пониска од рекордните околу 360 милијарди долари достигнати во 2021 година.

Новиот извршен директор Енрике Лорес започна реорганизација на работењето, која вклучува поедноставување на структурата, намалување на трошоците и поголема примена на вештачката интелигенција. PayPal очекува овие мерки да донесат заштеда од околу 1,5 милијарди долари во следните две до три години.