Донацијата опфаќа 16 специјално опремени патнички возила, две возила за следење и специјално адаптирано комбе кое ќе функционира како мобилен контролен центар. (Фото: Министерство за транспорт и врски).
Државниот инспекторат за транспорт доби нови 19 возила и опрема во вредност од 700.000 евра, донација од Европската Унија, со цел да се зголемат неговите капацитети за инспекциски надзор и контрола на патниот сообраќај. Донацијата денеска ја промовираа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас.
Донацијата опфаќа 16 специјално опремени патнички возила, две возила за следење и специјално адаптирано комбе кое ќе функционира како мобилен контролен центар. Покрај возилата, обезбедени се и современ софтвер за следење на возилата, како и обука за инспекторите.
Николоски кажа дека новата опрема ќе овозможи побрз и поефикасен инспекциски надзор, ќе придонесе за поголема безбедност во сообраќајот и ќе ја подобри заштитата на патната инфраструктура преку контрола на прекумерната тежина на товарните возила, превозот на опасни материи и техничката исправност на автобусите што вршат јавен превоз.
Тој најави дека во втора фаза се планирани дополнителни инвестиции за понатамошно унапредување на капацитетите и ефикасноста на Државниот инспекторат за транспорт.