РОКОТ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ E ПРОДОЛЖЕН ДО 31 ОКТОМВРИ
Граѓаните што планираат да воведат природен гас во своите домови имаат повеќе време да аплицираат за државна финансиска поддршка. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го продолжи рокот за поднесување барања до 31 октомври 2026 година, а Општина Струмица ги повика своите жители навреме да ја искористат оваа можност.
Со јавниот повик, домаќинствата можат да добијат субвенција до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци. Финансиската поддршка е наменета за изведба на куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас или за набавка на нов котел на гас.
Право на субвенција имаат домаќинствата што во текот на 2026 година ќе направат приклучок на природен гас, како и оние што ќе набават котел за објект што веќе бил приклучен на гасоводната мрежа заклучно со 1 јануари 2026 година. За секое домаќинство може да се поднесе само едно барање.
Од Министерството велат дека мерката има цел да им помогне на граѓаните полесно да инвестираат во поекономично и поефикасно греење, но и да придонесе за поголема енергетска ефикасност и почиста животна средина.
Од Општина Струмица апелираат заинтересираните граѓани да не чекаат до последниот ден за аплицирање, бидејќи средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, сè до исцрпување на предвидениот буџет.
За оваа мерка се обезбедени 3 милиони денари, а по завршувањето на јавниот повик, комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа сите пристигнати барања. Финансиската поддршка ќе им биде исплатена на сите апликанти што ги исполнуваат условите.
Надлежните ги повикуваат сите граѓани што размислуваат за приклучување на природен гас или за набавка на котел на гас навремено да ја поднесат потребната документација и да ја искористат можноста за државна поддршка.
– Поддршката на граѓаните останува еден од приоритетите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Преку конкретни мерки и субвенции, Министерството продолжува да спроведува политики што носат директни придобивки за домаќинствата, ги намалуваат трошоците за енергија и го забрзуваат преминот кон поефикасни и поодржливи решенија за греење – велат од МЕРМС.