Цените на суровата нафта забележаа силен раст по новата ескалација на тензиите меѓу САД и Иран, што ги зголеми стравувањата од можни нарушувања во глобалното снабдување со енергенси. Во фокусот на инвеститорите денес е и одлуката на американските Федерални резерви за каматните стапки, како и финансиските резултати на технолошките гиганти Microsoft, Meta и Qualcomm.

Според пазарните податоци, цената на северноморската нафта Брент се зголеми за околу 3,8 проценти и достигна повеќе од 87 долари за барел, додека американската WTI нафта поскапе за околу 3,7 проценти, надминувајќи 82 долари за барел. Растот следеше по информациите за новите воени случувања на Блискиот Исток- објави Ројтерс.

Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека Иранската револуционерна гарда испукала повеќе балистички ракети кон американски воени бази во регионот, по што американските и саудиските сили извршиле напади врз цели поврзани со проирански вооружени групи во источен Ирак.

И покрај геополитичката неизвесност, водечките европски берзански индекси на отворањето забележаа умерен раст. Германскиот DAX порасна за 0,09 проценти, францускиот CAC 40 за 0,26 проценти, британскиот FTSE 100 за 0,47 проценти, додека московскиот MOEX доби 0,93 проценти. На енергетските пазари, европските фјучерси за природен гас на берзата TTF се тргуваа по цена од 56,5 евра за мегават-час, додека еврото се разменуваше за 1,13978 американски долари.

Раст забележаа и цените на благородните метали и земјоделските суровини. Златото достигна 4.046,77 долари за тројанска унца, а пченицата се искачи на 6,67 долари за бушел. На Волстрит, индексот Dow Jones порасна за 1,03 проценти, S&P 500 за 0,21 процент, додека Nasdaq забележа благ пад од 0,22 проценти. Во текот на неделата вниманието на пазарите ќе биде насочено кон прелиминарните податоци за економскиот раст и инфлацијата во еврозоната, како и кон одлуката на Банката на Англија за каматните стапки.