Европската комисија усвои нова доброволна Повелба со која на стартапите, како и на малите и средните претпријатија, ќе им се овозможи полесен пристап до водечките европски истражувачки лаборатории за тестирање и развој на нови производи.

Целта на иницијативата е да се скрати времето потребно иновациите да стигнат до пазарот и да им се олесни на компаниите користењето на врвната истражувачка инфраструктура. Мерката е дел од пошироките напори на Европската Унија за зајакнување на својата конкурентност во однос на САД и Кина.

Еврокомесарката за стартапи, истражување и иновации, Екатерина Захариева, изјави дека на иновативните компании во Европа им е потребна современа инфраструктура за побрзо да ги развиваат, тестираат и пласираат своите производи, повикувајќи ги истражувачките и технолошките центри да ја поддржат Повелбата.

Од Европската комисија посочуваат дека малите компании често немаат доволно информации за услугите што ги нудат истражувачките центри, ниту за условите и цените за нивно користење, што претставува сериозна пречка за нивниот развој.

Повелбата се темели на шест принципи, меѓу кои се подобра достапност и видливост на услугите, поголема транспарентност, поедноставни договори, сигурна заштита на интелектуалната сопственост, приспособена поддршка за компаниите и поинтензивна соработка меѓу истражувачките институции.

Истражувачките и технолошките центри ќе можат доброволно да се приклучат кон иницијативата, а Европската комисија ќе ја поддржи нејзината примена преку вебинари, настани и заедничка база на податоци за размена на добри практики.

Новата Повелба е дел од Стратегијата на Европската Унија за стартапи и брзорастечки компании, со која Брисел има цел Европа да стане една од најатрактивните дестинации во светот за развој и раст на технолошки компании.