Со измените на Законот за вино, еднаш објавената откупна цена ќе мора да остане иста, а целта е лозарите однапред да знаат колку ќе заработат за својот род.

Лозарите ќе знаат однапред колку ќе им биде платено грозјето и нема да стравуваат од дополнително намалување на веќе објавената цена за „смедеревката“ и „вранецот“, но и за цените на другите сорти на грозје со предложените измени на Законот за вино. Најважна промена е што ќе се избрише одредбата која им дозволуваше на винарниците да ја намалат при исплатата. Со новото законско решение, цената што ќе ја објават откупувачите пред почетокот на винската сезона ќе биде конечна и нема да може дополнително да се намалува.

Според досегашниот закон винарниците беа должни пред почетокот на винската година јавно да објават колку ќе плаќаат по шеќерна единица за секоја сорта винско грозје. Но, во посебен член постоеше одредба која им дозволуваше, ако парите за грозјето ги исплатат навреме и во целост, таа однапред објавена цена да ја намалат до осум проценти.

Тоа значеше дека лозарите можеа да го предадат грозјето очекувајќи една цена, а на крајот да добијат помала исплата. Во пракса тоа значи дека цената што ќе биде објавена ќе мора да се почитува и нема да постои можност таа дополнително да се намали. Лозарите однапред ќе знаат колку ќе добијат за својот род, а ќе има поголема сигурност при планирање на производството и приходите.

Со измените не се менува начинот на пресметување на цената. И понатаму цената ќе се определува според шеќерните единици, а при откупот задолжително ќе се мери шеќерноста на грозјето. Лозарите ќе добиваат потврда за количината и квалитетот на предаденото грозје, а винарниците ќе мора однапред јавно да ги објават цените за секоја сорта. Во образложението на Предлог-законот се наведува дека сегашното решение создавало правна несигурност, бидејќи и по јавно објавената цена постоела можност таа да биде намалена.

Со бришењето на оваа можност, според предлагачот, ќе се зајакнат правната сигурност, транспарентноста и економската предвидливост за лозарите.