Сè почестите топлотни бранови и шумски пожари во Европа веќе не претставуваат само климатски, туку и сериозен економски предизвик, кој ги зголемува трошоците за здравство, ладење, транспорт, земјоделство и итни интервенции.
Големи пожари во изминатиот период зафатија делови од Франција и Шпанија, при што изгореа околу 300.000 хектари, а стотици илјади луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови. Според Светската метеоролошка организација, Европа се соочува со зголемен ризик од поголеми пожари и со сè подолга сезона на пожари.
Западна Европа годинава го регистрирала најтоплиот јуни досега, додека регионот веќе се соочува со трет топлотен бран во период од шест недели.
Економистите предупредуваат дека високите температури ја намалуваат продуктивноста, ги нарушуваат синџирите на снабдување, го погодуваат туризмот и придонесуваат за раст на цените на храната.
Според заедничка анализа на Универзитетот во Манхајм и Европската централна банка, топлотните бранови, сушите и поплавите во текот на летото 2025 година ја чинеле европската економија околу 0,3 отсто од нејзиното производство. До 2029 година, вкупната штета би можела да достигне 0,8 отсто.
Земјоделските производи, меѓу кои какаото, кафето и пченицата, се меѓу најизложените на климатските промени, бидејќи високите температури и нестабилното време можат да ги намалат приносите и дополнително да ги зголемат цените.
Пожарите создаваат и голем притисок врз државните буџети, кои мора да обезбедат средства за евакуации, противпожарни операции и обнова на уништената инфраструктура.
Податоците покажуваат и значително зголемување на осигурителните штети. Осигурителните компании во периодот од 2010 до 2019 година исплатиле 56,3 милијарди долари за штети од пожари, што е повеќе од шестпати над исплатите во претходната деценија.
Најпогодени се енергетскиот сектор, недвижностите, градежништвото, земјоделството и транспортот.
Експертите посочуваат дека климатските промени не се единствената причина за пожарите. Напуштањето на земјоделското земјиште и недоволното управување со пределите во јужна Европа довеле до создавање густа и лесно запалива вегетација, која во услови на суша и екстремни температури дополнително го зголемува ризикот.
Според економистите, Европа ќе мора значително да инвестира во приспособување на инфраструктурата и во мерки за намалување на климатските ризици, бидејќи екстремните лета сè повеќе се претвораат во траен макроекономски проблем.