„Зелен хуман град“ побара од министерот за дигитализација Стефан Андоновски, по вчерашната негова изјава, да ги објави со име и презиме „експертите“ кои го советувале дека дата-центрите што би се изградиле во Македонија нема да ја загрозат животната средина.
„Имено, Андоновски не само што изјави дека „се консултирал со многу експерти и СИТЕ ДО ЕДЕН му препорачале да отвори дата – центри“, туку еколошките здруженија и сите граѓани коишто, врз база на огромен број на студии и компаративни искуства, со право се загрижени за влијанието кое тие дата – центри би го имале на животната средина и квалитетот на живот на граѓаните ги нарече ШИРАЧИ НА ТЕОРИИ НА ЗАГОВОР кои создавале ОПШТЕСТВЕНА ХИСТЕРИЈА.
Кога говориме за „експерти“ и за негативните влијанија на Дата-центри, само би ја посочиле последната студија на ООН (Организација на обединетите нации) според која дата-центрите трошат ЕНОРМНИ количини на струја и вода. Тоа се клучни ресурси кои Македонија, гледајќи ја само ситуацијата во Гостивар, нема инфраструктурни капацитети да ги задоволи. Дополнително е загрижувачко тоа што до 2030 година ООН предвидува дека дата-центрите ќе генерираат околу 2.5 МИЛИОНИ ТОНИ електронски отпад“, реагираат од организацијата.
Од таму бараат во најбрз можен рок, министерот Андоновски и Министерството за дигитална трансформација да ги објави со име и со презиме т.н. „експерти“ со кои се консултирале, кои поддржуваат градење на дата-центри во Македонија со цел граѓаните да знаат кои се виновниците зошто водата им е кафена, сметките за електрична енергија покачени а квалитетот на живот уште толку урнисан.
„Да се потсетиме – граѓаните на нашата држава се единствените кои можат да одлучат дали ваков потфат би се остварил, и тоа врз основа на научни и статистички факти – а во моментов науката и статистиките во целост се противат на изградба на овие разорни објекти, особено на места каде квалитетот на водата, почвата и општо на животот се веќе на застрашувачки ниско ниво.
Во време кога, многу поразвиени држави од Македонија, воведуваат МОРАТОРИУМИ ЗА ИЗГРАДБА на дата-центри на нивна територија поради разорните последици кои тие ги носат, не смееме да дозволиме, по којзнае кој пат, светските економски елити и шака моќници да си ги префрлуваат загадувачките бизниси кај нас“, порачуваат од здружението.