Гладот во светот би можел да се продлабочи поради војните во Иран и Украина и силниот Ел Нињо, кој носи суши и поплави во клучните земјоделски региони.

Војните во Украина и на Блискиот Исток досега не предизвикаа колапс на глобалните резерви на храна. Но, доколку на нив се надоврзе и силен временски феномен како Ел Нињо, ризиците би можеле значително да се зголемат.

Потенцијално  рекордно силен Ел Нињо  сега се засилува низ Тихиот Океан, носејќи или суши или поплави во клучните светски земјоделски региони.

На почетокот на јули, американската Национална агенција за океани и атмосфера (НОАА) процени дека постои 63 проценти веројатност овој необичен временски феномен годинава да биде „многу силен“.

Во меѓувреме, банката „Џеј-Пи Морган“ неодамна недела предупреди дека Ел Нињо, во комбинација со нафта од 100 долари (88 евра) за барел, би можел  да ја зголеми инфлацијата на храната за до 1,5 проценти.

Доаѓањето на Ел Нињо следува по два големи конфликти, во Украина и на Блискиот Исток, за време на кои  глобалните резерви на храна изненадувачки добро се одржаа.

Но, дали оваа трета криза би можела да создаде совршена бура што ќе ја наруши рамнотежата?

Троен удар врз глобалната безбедност на храната

Руската војна во Украина  и понатаму тежи врз еден од најважните светски региони за извоз на жито, каде што повторените напади врз пристаништа и обработливо земјиште продолжуваат да ја загрозуваат една од клучните светски житници.

Војната со Иран  ги зголеми цените на енергенсите и ѓубривата, со што се зголемија трошоците за производство на храна низ целиот свет и предизвика привремени нарушувања во снабдувањето со клучни хранливи материи за почвата.

Се очекува Ел Нињо, кој ги менува режимите на врнежи и температури ширум светот, да биде толку силен што Светската банка неодамна предупреди дека може да го намали производството на ориз за 20 до 50 проценти во погодените региони.

Главниот економист на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Максимо Тореро, предупреди на „сложен ефект“ што би можел да создаде „многу комплексна ситуација“ до крајот на годината.

„Многу сме загрижени поради Ел Нињо и доцнењето на монсуните во Индија“, изјави Тореро за ДВ.

Се очекува Ел Нињо да ја забави и ослаби индиската сезона на монсуни, клучен период за садење ориз. Според локалните медиуми, во јуни биле регистрирани околу 40 проценти помалку врнежи од вообичаеното.

Индија произведува речиси една третина од светскиот ориз, при што огромното мнозинство од производството се троши во земјата.

Покрај Јужна Азија, ФАО смета дека ризиците од Ел Нињо се најголеми во регионот Сахел во Африка, јужна Африка, Југоисточна Азија и Сувиот коридор во Централна Америка.

Агенцијата на ОН за храна овој месец предупреди дека во некои од овие региони постои повеќе од 50 проценти веројатност за суша во следните неколку месеци.

Светот произведува повеќе храна од кога било

И покрај геополитичките тензии, цените на храната остануваат речиси 20 проценти под врвот достигнат во 2022 година, според Индексот на цените на храната на ФАО.

Минатата година светот ја оствари најголемата жетва на жито во историјата. Причината за тоа е што земјоделците обработуваа повеќе земја, временските услови беа поволни, а приносите по хектар беа поголеми.

Иако се очекува годинешната жетва да биде нешто помала, таа сепак ќе биде втора најголема досега.

„Забележуваме подобрувања во земјоделската продуктивност“, изјави за ДВ Симоне Бунзе, виш истражувач во Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), посочувајќи ги Индија и Латинска Америка како значајни примери.

„Овие подобрувања помогнаа во одржувањето на производството на храна и намалувањето на неухранетоста. Тоа ги ублажува дел од локалните последици од конфликтите“, додаде таа.

Милиони луѓе и натаму гладуваат

Сепак, тоа не значи дека гладот е ставен под контрола. Според Обединетите нации, 266 милиони луѓе сè уште се соочуваат со акутен глад.

„Во светот се произведуваат доволно калории за да се нахрани секој човек“, рече Тореро. „Проблемот е што тие калории не се распределени подеднакво низ светот и токму тоа е предизвикот.“

Најтешката состојба е концентрирана во мал број земји погодени од конфликти, каде што залихите не можат да стигнат до луѓето на кои им се најпотребни.

Воените жаришта, меѓу кои Демократска Република Конго, Судан и Јемен, сочинуваат две третини од земјите каде луѓето кои се соочуваат со акутен глад во регионите анализирани од ОН.

Војната често ги уништува локалните извори на храна, раселува милиони луѓе, ја оштетува инфраструктурата и сериозно го ограничува пристапот на хуманитарните организации. Во некои жаришта, како Судан и Газа, експертите предупредуваат дека  гладот сè почесто се користи како оружје.

„Страните во конфликтите намерно уништуваат обработливо земјиште, добиток, водоводни системи, магацини за храна и транспортни правци. Тие го загрозуваат пристапот до пазарите и ја попречуваат хуманитарната помош“, изјави Бунзе за ДВ.

Земјоделците под притисок од високите цени на ѓубривата

Дополнителен ризик за глобалното снабдување со храна претставуваат ѓубривата, од кои околу една третина вообичаено се транспортираат преку Ормускиот Теснец. Теснецот останува сериозно нарушен поради неуспешниот прекин на огнот меѓу САД и Иран, како и поради нападите врз бродови во Црвеното Море.

Некои земјоделци плаќаат значително повисоки цени за ѓубрива, ги одложуваат набавките или се префрлаат на култури што бараат помалку прихрана. Доколку на крајот употребат помали количини, приносите би можеле да се намалат во следната жетва.

Експертите за безбедност на храната сметаат дека само конфликтот на Блискиот Исток би можел до 2030 година да остави уште милиони луѓе гладни, а во оваа проценка сè уште не се вклучени ефектите од Ел Нињо.

Со оглед на тоа што се очекува температурата на Тихиот Океан да порасне за 3,6 Целзиусови степени, речиси двојно повеќе од Ел Нињо во 2015/2016 година, климатскиот истражувачки центар „Беркли Ерт“ предвидува дека овогодишниот феномен ќе биде најсилниот досега регистриран.

Експертите предупредуваат дека доколку цената на нафтата повторно надмине 120 долари за барел, доколку украинскиот извоз на жито биде успешно блокиран или ако Ел Нињо посилно влијае врз наредната жетва поради помалото засадување, светот би можел да се соочи со нов пораст на гладот.

Доколку сите овие фактори се совпаднат истовремено, последиците би можеле да бидат значително потешки. „Џеј-Пи Морган“ прогнозира дека инфлацијата на храната би можела да надмине пет проценти во 2027 година, при што најголем удар би претрпеле пазарите во развој.