Шведска воведе нов закон што ги обврзува продавниците и аптеките повторно да прифаќаат готовина поради безбедносни и кризни причини.
Звукот на ѕвонење монети денес речиси и не се слуша во Шведска, бидејќи речиси сè се плаќа со картичка – дури и сладолед купен од киоск во соседството. Многу луѓе плаќаат дигитално, а најголемиот дел од трансакциите се извршуваат директно преку мобилен телефон. Во многу продавници тоа е и единствената опција, бидејќи на влезовите стојат натписи: „Не примаме готовина“.
Плаќањето мора да биде возможно и без интернет
Бјорн Ериксон смета дека тоа претставува проблем за потрошувачите. „Мислам дека потрошувачите самите треба да одлучуваат. Кој сака да плаќа дигитално, слободно нека го прави тоа. Но, мора да постои можност да се плати и во готово, доколку некој го сака тоа“, вели тој.

Овој жител на Стокхолм веќе со години преку својата иницијатива се залага за зачувување на готовинските плаќања. Сега ова прашање стана и тема од интерес за шведската влада. Од почетокот на јули 2026 година стапи во сила нов закон за готовинско плаќање, кој ги обврзува продавниците за прехранбени производи и аптеките повторно да прифаќаат банкноти и монети.
Според Елин Ритола од Шведската централна банка, тоа е важен чекор во актуелните околности.
„Поради новата геополитичка ситуација, готовината повторно доби на значење. Станува збор за безбедност, односно за обезбедување начини на плаќање што ќе функционираат дури и ако, на пример, дојде до прекин на интернетот или на снабдувањето со електрична енергија“, објаснува таа.
Владата препорачува секое домаќинство да има готовина
И шведската влада смета дека готовината е важен дел од подготовките за кризни ситуации. Управата за цивилна заштита препорачува секој возрасен граѓанин дома секогаш да има околу 1.000 шведски круни во готовина, што е приближно 90 евра. Во случај на криза, оваа сума би била доволна за набавка на најосновните потреби.
Сепак, многу Швеѓани немаат ниту толку готовина кај себе, бидејќи со години речиси воопшто не користат кеш, туку плаќаат исклучиво со картички или преку Swish – шведски систем за онлајн плаќања.
„Би рекла дека Шведска е земја чии жители имаат многу позитивен однос кон технологијата. Многумина со воодушевување ги прифатија овие нови и практични решенија“, вели Ритола.
Целосното потпирање на дигиталните плаќања, сепак, носи и одредени ризици. Швеѓаните го почувствуваа тоа во 2021 година, кога по сајбер-напад беа блокирани дури 800 супермаркети низ земјата.
За Бјорн Ериксон и неговата иницијатива за зачувување на готовината, прашањето не е само безбедносно, туку и социјално.
„Има многу луѓе на кои дигиталното плаќање им создава проблеми, како што се лицата со попреченост и постарите граѓани“, истакнува тој.
Според него, новиот закон е прв чекор во вистинската насока. Тој е задоволен што во супермаркетите и аптеките повторно ќе може без проблем да плаќа во готово.