Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли шпекулациите дека Владата планира укинување на вториот пензиски столб, нагласувајќи дека таква одлука воопшто не е разгледувана.

„Нема никаква најава од Владата за укинување на вториот пензиски столб“, изјави Мицкоски, реагирајќи на информациите што се појавија во јавноста по најавите за анализа на пензискиот систем.

Во моментов, надлежните институции работат на сеопфатна проценка на функционирањето на пензискиот модел, со цел да се утврдат можните реформи што би обезбедиле долгорочна финансиска стабилност. Засега не е донесена одлука во кој правец ќе се движат евентуалните измени.

Потребата од анализа произлегува од променетите демографски и економски услови во однос на периодот кога беше воведен вториот пензиски столб. Дополнително, неодамнешниот извештај на Државниот завод за ревизија посочи дека ПИОМ не ги префрлал редовно средствата кон приватните пензиски фондови во законски предвидените рокови.

Експертите предупредуваат дека стареењето на населението и иселувањето на младите создаваат сериозен притисок врз пензискиот систем. Наместо посакуваниот сооднос од тројца вработени на еден пензионер, во моментов во земјава има околу 1,6 вработени на еден пензионер, што дополнително го зголемува товарот врз државниот буџет.

Од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови сметаат дека национализацијата на вториот столб би била краткорочно решение кое би го покрило дефицитот само за ограничен период, но не би ги решило структурните проблеми на системот.

Според нивните проценки, вистинските придобивки од задолжителниот двостолбен пензиски модел ќе почнат да се чувствуваат во следната деценија, кога поголем број осигуреници ќе почнат да добиваат пензии и од првиот и од вториот столб, со што ќе се намали товарот врз државниот пензиски фонд.

Економските аналитичари оценуваат дека реформи се неопходни, но тие треба да бидат внимателно подготвени за да се зачува финансиската одржливост на системот и истовремено да се заштитат интересите на сегашните и идните пензионери.