Преработувачката индустрија во еврозоната продолжи да се опоравува во јули, при што производството достигна највисоко ниво во последните речиси четири и пол години. Сепак, слабата побарувачка и намалените нови нарачки создаваат неизвесност околу одржливоста на овој тренд, покажува најновиот извештај на „S&P Global“.
Вредноста на индексот на менаџерите за набавка (PMI) за преработувачката индустрија се зголеми од 51,4 поени во јуни на 51,9 поени во јули, што е највисоко ниво од април 2022 година. Индексот на производство, пак, порасна на 52,9 поени, достигнувајќи најсилна вредност од март 2022 година.
Вредност над 50 поени сигнализира раст на активноста, но аналитичарите предупредуваат дека подобрувањето главно се должи на реализација на претходно натрупани нарачки, додека новата побарувачка останува слаба.
Извозните нарачки повторно се намалиле, особено во Франција, Шпанија, Италија и Австрија, а компаниите продолжиле со намалување на бројот на вработени поради неизвесните економски изгледи.
Позитивен сигнал е забавувањето на растот на цените на суровините и производствените трошоци, кои се зголемиле со најбавно темпо од март.
Главниот економист на „S&P Global“, Крис Вилијамсон, оцени дека европската индустрија моментално бележи подобрување, но предупреди дека трендот може да ослаби во наредните месеци доколку не се врати растот на новите нарачки.