Новата цена од 99,50 денари за литар ќе ги погоди транспортот, земјоделството и трошоците на граѓаните, додека бензините поевтинуваат.

Од денеска стапуваат во сила новите цени на горивата, а најголемо внимание привлекува дизелот, чија максимална малопродажна цена достигна 99,50 денари за литар, само половина денар под психолошката граница од 100 денари. Во исто време, бензините поевтинуваат. ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по 91 денар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 по 93 денари за литар, што е намалување од два денари во однос на претходните цени.

Иако разликата кај дизелот изнесува само 50 дени по литар, економистите предупредуваат дека токму ова гориво има најголемо влијание врз цените во економијата. Дизелот е главен енергенс за товарниот транспорт, јавниот превоз, градежната механизација и земјоделството, па неговото поскапување постепено се прелева врз цените на храната, услугите и другите производи.

Според новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 0,50 денари и ќе се продава по 98,50 денари за литар, додека мазутот поевтинува за 1,680 денари и ќе чини 46,419 денари за килограм.

Од Регулаторната комисија соопштија дека просечното намалување на цените на нафтените деривати изнесува 1,24 проценти, но поради различните корекции кај бензините и дизелот, ефектите ќе бидат различни за граѓаните и стопанството.