Вештачката интелигенција на Мета за време на тестирање добила неовластен пристап до системи на друга компанија поради погрешна конфигурација, слично на претходни случаи кај ОпенАИ и Антропик.

Вештачката интелигенција на компанијата Мета, сопственик на Фејсбук, за време на тестирање успеала да се пробие во компјутерските системи на друга компанија, признава технолошкиот гигант. Со ова Мета им се придружува на ОпенАИ (OpenAI) и  Антропик (Anthropic),чии модели на вештачка интелигенција претходно биле поврзани со слични инциденти.

Според информациите што Мета ги доставила, меѓу другите и до телевизиската мрежа Си-Ен-Ен, проблемот бил предизвикан од погрешна конфигурација на системот кај истиот партнер што го спроведувал тестирањето. Слично како и кај неколку претходни случаи поврзани со конкурентските компании, неправилните поставки им овозможиле на моделите на вештачка интелигенција пристап до интернет, иако тоа воопшто не било предвидено.

Како дошло до инцидентот

Мета не открива која е компанијата во чии системи навлегла вештачката интелигенција преку искористување на безбедносна слабост.

Од компанијата наведуваат дека за инцидентот дознале преку известување добиено од партнерот што го спроведувал тестирањето.

Претходно,  вештачка интелигенција на ОпенАИ, компанијата од  САД што стои зад ЧетГПТ (ChatGPT), за време на тестирање непланирано навлегла во компјутерските системи на друга компанија за вештачка интелигенција, платформата Hugging Face.

Овој случај го поттикнал конкурентот Антропик повторно да ги провери сопствените тестирања, при што биле откриени дополнителни слични инциденти.

Покрај тоа, британски безбедносни истражувачи идентификувале и сајбер-напади извршени од системи на вештачка интелигенција развиени од Антропик и  ОпенАИ.  Во нивните експерименти, истражувачите на моделите им овозможиле непречен пристап до интернет, што довело до вакви активности.

Расте загриженоста за сајбер-напади со вештачка интелигенција

Иако овие непланирани напади не предизвикале штета, инцидентите дополнително ги засилија стравувањата во јавноста и технолошката заедница од потенцијалната употреба на вештачката интелигенција за изведување сајбер-напади.

Сè почестите случаи во кои напредни ВИ системи демонстрираат способност да искористуваат безбедносни пропусти и да пристапуваат до дигитални инфраструктури го отвораат прашањето за безбедноста на ваквите технологии и потребата од построги контроли при нивното тестирање и развој.