Нискобуџетната авиокомпанија „Изиџет“ (easyJet) постигна договор за преземање од американската инвестициска компанија Apollo Global Management, во трансакција вредна 5,7 милијарди британски фунти, односно околу 6,6 милијарди евра.

Од компанијата соопштија дека Управниот одбор едногласно ја поддржал понудата, според која акционерите ќе добијат 7,15 фунти во готово за секоја акција. Доколку бидат исполнети сите регулаторни услови, преземањето треба да биде финализирано до крајот на првиот квартал од 2027 година.

До договорот дојде откако конкурентската понуда на инвестициската фирма Castlelake беше повлечена, со што Apollo остана единствениот кандидат за преземање на британскиот авиопревозник.

Според договорената структура, основачот на „Изиџет“, Стелиос Хаџи-Јоану, заедно со членовите на неговото семејство, ќе задржат сопственички удел во новата холдинг-компанија. Учеството на Apollo ќе биде ограничено на 49,9 проценти, со цел да се исполнат европските и британските правила за сопственост на авиокомпании, додека дополнителен удел ќе поседува специјален ЕУ-труст.

„Изиџет“ е основана во 1995 година и за три децении се разви во една од најголемите нискобуџетни авиокомпании во Европа. Од првичните линии меѓу Лондон, Глазгов и Единбург, компанијата денес опслужува стотици дестинации низ континентот со флота од повеќе од 300 авиони.

Експертите оценуваат дека преземањето би можело да отвори ново поглавје во развојот на компанијата, со дополнителни инвестиции, модернизација на флотата и проширување на мрежата на летови, во време кога европскиот авио-сектор продолжува да бележи раст на побарувачката за патувања.