Само 15 отсто од вработените земале регрес за годишен одмор заклучно со први јули. Просечниот нето-износ на исплатен регрес изнесува 28.562 денари.

Оние работодавачи во приватниот сектор што сега исплатуваат регрес за годишен одмор, или популарно наречен К-15, треба да исплатат најмалку 19.567 денари. Ова е согласно Општиот колективен договор за вработените во приватниот сектор според кој најнискиот износ на К-15 е 40 отсто од просекот на последните три просечни нето-плати во државава што ги објавил Државниот завод за статистика, освен ако фирмата немала „економски потешкотии“. Вработените во јавниот сектор, според Општиот колективен договор, треба да добијат 13.560 денари. За нив обврската е 30 отсто од просечната нето-плата за претходната година. Со грански колективни договори пак, може да се обезбедат повеќе пари.

Регресот за годишен одмор, како што сугерира и самото име, е со цел да им се олесни на вработените полесно да си дозволат годишен одмор. Но, според податоците што ги доби „Слободен печат“ од Управата за јавни приходи заклучно со 1 јули, К-15 добиле 91.877 вработени, што е околу 15 проценти од сите вработени (на определено или со договор за неопределено вработување со платени придонеси за пензиско и здравствено осигурување).

ОД УЈП добивме и интересен податок – највисокиот износ на исплатен нето-износ на регрес изнесува речиси 8.000 евра!

– Заклучно со 1 јули 2026 година, исплатен е регрес во вкупен нето-износ од 2.624.228.642 денари од страна на 5.376 исплатувачи за 91.877 вработени. Највисокиот исплатен нето-износ на регрес изнесува 469.190 денари, додека просечниот нето-износ на исплатен регрес изнесува 28.562 денари. Податок за најнискиот исплатен нето-износ на регрес не може да се даде, бидејќи дел од исплатувачите регресот го исплаќаат во повеќе рати, при што секоја поединечна исплата се евидентира одделно – изјавија од УЈП за „Слободен печат“.

Она што и понатаму останува „дупка“ во Општиот колективен договор за стопанството е недореченоста за тоа кога може да се исплати помал износ на К-15 од минималниот. Така сè уште има работници на кои им се исплаќа К-15 по неколку илјади денари.

Од летото 2015 година постојат измени во Општиот колективен договор во кои се дефинира во кои случаи се исплаќа помал К-15.

„Кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско–финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците“, пишува во Општиот колективен договор.

Оваа одредба, во која не е прецизирано што значи „потешкотии во работењето“ и нема критериуми според кои се оценува „економско-финансиската состојба на работодавачот“, остава простор за самоволие што се злоупотребува за исплата на К-15 понизок од минималниот. Во одредбата не постои дури ни дека фирмата е во загуба, значи има добивка, ама има економски потешкотии.

За оваа одредба со години алармира и Сојузот на синдикати, но и трудовите инспектори.

Регресот за годишен одмор треба да се исплати најдоцна до 31 декември во тековната година. Предвидени се и казни за неисплатување. Тие може да бидат до 4.000 евра и до една година затвор доколку газдата бара работникот да ги врати парите на рака.