Јавното претпријатие за државни патишта ќе земе нов кредит од 40 милиони евра од домашни банки, со државна гаранција. Со ова, за нешто повеќе од два месеци Владата одобри три задолжувања на претпријатието во вкупна вредност од околу 356 милиони евра.

Новото задолжување е кај Комерцијална банка и Халк банка преку синдициран кредит во износ од 2,46 милијарди денари. За разлика од претходните два кредита, овојпат во одлуката не е наведен конкретен автопат, туку парите се наменуваат за „финансирање на преземени обврски и рефинансирање на долгови“ поврзани со капитални проекти и инвестиции.

Кредитот ќе се отплаќа осум години, со грејс-период од три години, а средствата треба да бидат повлечени најдоцна до 31 декември 2026 година. Договорената каматна стапка е референтната стапка зголемена за маржа од 1,55 процентни поени, со дополнителни услови утврдени во договорот.

Само во јуни Владата веќе даде согласност за две големи задолжувања на ЈПДП кај Комерцијална, Халк, НЛБ и Стопанска банка. Едното, од 140 милиони евра, е за делниците од Коридорот 8 и Коридорот 10д што ги гради „Бехтел и Енка“, а второто, од 176 милиони евра, е за автопатот Кичево – Охрид. Двете задолжувања се наведени и во дневниот ред на владината седница од 2 јуни.

Со новите 40 милиони евра, кредитите од домашните комерцијални банки одобрени за „Државни патишта“ од почетокот на јуни достигнуваат 356 милиони евра.

Паралелно, претпријатието користи и други извори за финансирање на патната инфраструктура. За автопатот Скопје – Блаце неодамна беше потпишан инвестициски грант од 30,8 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, додека заемот за проектот изнесува 167,6 милиони евра.

Владата претходно потврди и дека за тековните обврски на „Државни патишта“ ќе бидат користени средства од М-НАВ, МЕПСО и Државна лотарија, кои според премиерот Христијан Мицкоски треба да бидат вратени на претпријатијата во текот на август.