Питер Шилтон, поранешниот англиски голман кој го прими познатиот гол со „Божјата рака“ од Диего Марадона на Светското првенство во 1986 година, стана гласен противник на коцкањето откако успеа да ја надмине зависноста што траела со децении.
Иако своевремено силно го поддржуваше Брегзит, Шилтон сега е едно од заштитните лица на иницијативата во Европскиот парламент за оданочување на онлајн обложувањето. Целта е да се обезбедат дополнителни средства за следниот буџет на Европската Унија, вреден околу два билиона евра.
Иницијативата, сепак, наиде на силен отпор од Малта, каде што индустријата за игри на среќа има големо економско значење. Малтешките власти предупредуваат дека повисоките даноци би можеле да го поттикнат нелегалниот пазар и да ги принудат компаниите да го напуштат европскиот пазар.
„Малта нема да прифати воведување даноци на ниво на ЕУ чија цел е да се финансира потрошувачката на Унијата“, изјави премиерот Роберт Абела.
Шилтон, кој признал дека во период од 45 години изгубил повеќе од еден милион фунти обложувајќи се на коњски трки, денес води хуманитарна организација за помош на лица зависни од коцкање. Тој ги отфрла аргументите на Малта и на претставниците на индустријата, оценувајќи ги како обид за прикривање на вистинските последици од коцкањето.
Според него, повисоките даноци би можеле да ги намалат средствата што компаниите ги трошат за рекламирање и привлекување нови корисници.
Предлогот ги подели земјите членки на ЕУ. Дел од медитеранските држави, во кои секторот за коцкање е особено развиен, му се спротивставуваат на данокот, додека неколку западноевропски земји го поддржуваат.
Европската комисија сè уште нема поднесено формален предлог. За воведување ваков данок ќе биде потребна едногласна согласност од сите земји членки.
Процените покажуваат дека данокот на коцкање би можел да донесе повеќе од 13 милијарди евра во следниот буџетски циклус на ЕУ. Неговите поддржувачи истакнуваат дека мерката, покрај финансиската корист, би помогнала и во справувањето со зависноста од коцкање. Според процените на експертите, околу 80 милиони возрасни лица во светот се соочиле со ваква зависност.
„На коцкањето гледаме како на болест. Тоа е нешто што може да постои во човекот и да се активира“, изјави Шилтон.
Извор: Politico