Струмица и денес под блокада – Земјоделците не отстапуваат од своите барања. На денешниот четврти по ред протест, тие преку транспаренти го изразија револтот од состојбата со откупот. Дел од пораките се насочени кон откупувачите и трговците, а производителите предупредуваат дека со ниските цени земјоделското производство станува сè понеисплатливо.
Производителите бараат повисока откупна цена за црвената пиперка позната како „ајварка“, која сега чини 25 денари за килограм, притоа посочувајќи дека сегашните услови не ги покриваат производствените трошоци, а особено се незадоволни што откупните цени на почетокот на сезоната се пониски од ланските. Со своите трактори и земјоделска механизација тие го блокираа подрачното одделение на Министерството за земјоделство.
Ресорниот министер, пак по посетата на Струмица во петокот рече дека цената ја определуваат пазарните услови, но начинот на кој се одвива откупот мора да биде законски, транспарентен и предвидлив.
Инаку, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски деновиве имаше одделни средби со претставници од повеќе засегнати страни, по што се очекува да се изнајде и прифатливо решение, додека пак струмичките земјоделци се дециидни во своите барања и велат дека не отстапуваат од истите, сè додека не се изнајде прифатливо решение.
Ајварката е една од најзначајните земјоделски култури во овој регион, а периодот на откуп е клучен за приходите на голем број семејства кои живеат токму од земјоделие. Протестите започнаа минатата недела во Муртино, по што земјоделците излегоа и во Робово, а во изминатите денови со механизација го блокираат центарот на Струмица.