Конечно решение на повидот за проблемот со јавниот превоз во Скопје. Ќе има нови автобуси со што се очекува да се стави поголем ред во сообраќајот на јавниот превоз во главниот град.
Неодамна, по неколку неуспешни обиди, заврши тендерската постапка за набавка на 150 електрични автобуси за јавниот превоз во Македонија. За најповолен понудувач се избрани унгарската компанија „Електробус Икарус“ во заедничка понуда со австриската ЕВН.
Од вкупниот број автобуси, 100 се наменети за ЈСП „Скопје“, додека останатите 50 ќе бидат распределени во други градови низ државата.
Скопје ќе ги добие првите 30 нови електрични автобуси до декември годинава, или јануари 2027 година – Ова во “Тема на денот” го соопшти заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој истакна дека процесот за жалба е завршен и сега министерството ќе пристапи кон потпишување на договор со избраниот понудувач.
– Заврши процесот на жалба, така што овој пат процесот е целосно завршен, сега влегуваме во процес на потпишување на договор, иако рокот на испорака е 6 месеци од денот на потпишување на договорот, моето барање од понудувачот е првите автобуси да стигнат во декември месец, рече Николоски.
Вицепремиерот додаде дека според јавната набавка, планирано е сите 150 автобуси да бидат испорачани во рок од 18 месеци.
– Планирано е следните 60 автобуси да стигнат во рок од 12 месеци, и уште 60 да стигнат во рок од 18 месеци. Така што за година ипол треба да заврши целата испорака, истакна заменик претседателот на Владата, Николоски.
– Ова е историски чекор кон сериозна обнова на возната флота на ЈСП „Скопје“ и почеток на нова ера во јавниот градски превоз – помодерен, почист и побезбеден, истакна неодамна градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.