Осигурителната компанија ЗОИЛ Македонија го промени името во Алта Осигурување, по преземањето од страна на Давор Мацура, сопственик на српската финансиска групација Алта Груп, покажува известувањето објавено на Македонската берза.

Истовремено, седиштето на компанијата е преместено од Битола во Скопје.

Мацура во март годинава ги купи сите 60.000 акции на ЗОИЛ Македонија во блок-трансакција, за вкупно 104,9 милиони денари, односно околу 1,7 милиони евра.

По преземањето следуваше и докапитализација на осигурителната компанија во износ од 1,3 милиони евра, преку издавање 26.000 обични акции со номинална вредност од по 50 евра. Акциите целосно ги запишал и уплатил Мацура, со што вкупниот акционерски капитал на компанијата се зголеми на 4,3 милиони евра.

Според годишниот финансиски извештај, ЗОИЛ Македонија во 2025 година остварила нето-загуба по оданочување од 33,9 милиони денари, што е повеќе во споредба со загубата од 24,8 милиони денари една година претходно. Компанијата е основана во 2023 година.

Од Алта Груп претходно соопштија дека преземањето на осигурителната компанија е дел од стратегијата за регионално ширење и зајакнување на позицијата на групацијата на пазарот на финансиски услуги во Западен Балкан.

Со ова преземање, Алта Груп дополнително го проширува портфолиото на финансиски услуги, кое опфаќа банкарство, лизинг, електронски и платежни услуги, а сега и осигурување.

Алта Банка од Белград, која е дел од истата групација, минатата година стекна мнозински удел во Стопанска банка Битола, која подоцна беше преименувана во Алта Банка Битола.