Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, информираше дека е постигнат договор меѓу земјоделците, откупувачите и преработувачите за цената на пиперката за ајвар. Од утре, „ајварката“ ќе се откупува по 40 денари за килограм за прва класа, 30 денари за прва-втора класа и индустриската класа, додека за најниската класа цената ќе изнесува 15 денари.
Договорот е постигнат по неколкудневни преговори, а министерот упати апел до откупувачите и преработувачите да ги почитуваат договорените цени и правилно да го вршат класирањето на пиперките.
По завршувањето на бербата, во октомври и ноември, ќе продолжат разговорите за системско решение, со кое на земјоделците ќе им се обезбедат јасни правила за класификацијата, роковите за исплата и сигурноста на производството.
Овој договор доаѓа по неколкудневните протести и блокади на патиштата од страна на земјоделците од Струмица, кои беа незадоволни од откупната цена на пиперките.
„Во моментот, имаме договор помеѓу земјоделците и откупувачите и преработувачите, ајварската пиперка од утре па натаму, со извршените подготовки односно известување до откупните центри од страна на преработувачите, да се продава по цена од: прва класа – 40 денари, прва-втора класа – 30 денари, индустриска класа – тоа е класа под прва-втора, исто така за 30 денари, и шкарт како класа за 15 денари. Овие цени се во договор со едната и со другата страна.“, изјави Серафимовски по средбата со засегнатите страни.