Стартапот „Фија“ на Фиби Гејтс се соочува со обвинувања за спорно поставување интернет „колачиња“ и припишување провизии од онлајн продажби.
Стартапот за онлајн купување „Фија“, кооснован од 23-годишната Фиби Гејтс, ќерка на Бил Гејтс, и нејзината колешка од Стенфорд, Софија Киани, се соочува со сериозни обвинувања дека користел практика позната како „cookie stuffing“ за да си припишува провизии од продажби за кои можеби не бил директно заслужен.
Според извештај на „Блумберг“, раководството на компанијата наводно било свесно за проблематичните функции со месеци пред тие да бидат отстранети во јули. „Фија“ претходно тврдеше дека за проблемот дознала непосредно пред јавно да реагира.
„Фија“ функционира како додаток за интернет-прелистувач кој им помага на корисниците да пронајдат кодови за попуст при онлајн купување. Кога купувачот користи понуда преку платформата, се поставува т.н. „колаче“, преку кое може да се утврди дека компанијата придонела за продажбата и со тоа да добие провизија.
Спорниот дел, според „Блумберг“, е што одредени функции можеле да поставуваат такви „колачиња“ и кога корисникот не користел купон преку „Фија“. На тој начин, продажбата можела да ѝ биде припишана на платформата иако таа немала директна улога во купувањето.
Во извештајот се наведува дека ваквата практика била присутна кај продажби преку повеќе големи трговци, а интерни пораки на „Слек“, наводно, покажуваат дека Фиби Гејтс барала од програмерите да проверат дали автоматското поставување „колачиња“ е активно на страниците со купони.
Според податоците до кои дошол „Блумберг“, во јуни спорното припишување претставувало околу 51 процент од вредноста на продажбите за кои „Фија“ тврдела дека придонела. По исклучувањето на функциите во јули, просечните дневни приходи на компанијата, според истиот извор, паднале од околу 80.000 долари на меѓу 10.000 и 28.000 долари.
Од „Фија“, сепак, велат дека падот не може да се припише само на отстранувањето на спорните функции, бидејќи во истиот период биле оневозможени и други начини на монетизација.
Компанијата соопшти дека функциите што можеле да доведат до погрешно припишување на продажбите биле отстранети на 7 јули и дека сега се проверуваат трансакциите и се вршат корекции кон партнерските брендови. Најавено е и ангажирање раководител за усогласеност.
Правни експерти предупредуваат дека намерното „cookie stuffing“ во одредени околности може да доведе до сериозни правни последици во САД. Сепак, тоа не значи дека Фиби Гејтс е осудена или дека автоматски ѝ се закануваат 20 години затвор – таква казна би била законски максимум во случај на конкретно федерално обвинение и осуда.
Стартапот привлече големо внимание откако во 2025 година собра околу 30 милиони долари од инвеститори, меѓу кои се познати имиња како Хејли Бибер, Крис Џенер и основачката на „Спенкс“, Сара Блејкли.