Готовината останува најшироко прифатениот начин на плаќање на физичките продажни места во еврозоната, и покрај силниот раст на мобилните и другите дигитални плаќања, покажува ново истражување на Европската централна банка.

Според резултатите, готовина прифаќаат 92 отсто од компаниите што продаваат стоки и услуги на физички локации, наспроти 90 отсто во 2024 година. Од ЕЦБ оценуваат дека со тоа е запрен падот на прифаќањето на готовината забележан за време и по пандемијата.

Платежни картички прифаќаат 88 отсто од компаниите, што е приближно исто ниво како пред две години. Најголем раст има кај мобилните плаќања, чија прифатеност се зголемила од 36 на 68 отсто.

Готовината е најзастапена во трговијата, рестораните и хотелите, каде што ја прифаќаат 93 отсто од анкетираните компании. Во секторот на уметноста, забавата и рекреацијата уделот е понизок и изнесува 84 отсто.

Меѓу земјите од еврозоната, највисока стапка на прифаќање на готовината имаат Грција и Италија, со по 99 отсто, додека најниска е во Белгија со 81 отсто и Кипар со 76 отсто.

Од компаниите што веќе примаат готовина, 92 отсто очекуваат дека ќе продолжат да го прават тоа и во следните пет години. Како главни предности ги наведуваат приватноста и сигурноста, а како недостатоци ризикот од грешки при враќање кусур, безбедносните ризици и можноста за внатрешни измами.

Истражувањето опфатило 8.205 компании во сите 21 земја од еврозоната, а било спроведено од февруари до април 2026 година.