Превозниците од земјите од Западен Балкан би можеле повторно да ги блокираат граничните премини кон земјите од Шенген зоната доколку до почетокот на септември не биде постигнат напредок во разговорите со Европската унија околу примената на системот EES.

Претседателот на Здружението на превозници на Црна Гора, Ѓорѓије Љешњак, за весникот „Дан“ изјави дека одлуката била донесена на состанок на превозници од регионот одржан во Скопје, на кој учествувале претставници од Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.

Превозниците поставиле рок до 1 септември за решавање на проблемите со кои се соочуваат професионалните возачи поради правилото за престој во Шенген зоната од најмногу 90 дена во период од 180 дена.

Љешњак изјави дека превозниците очекуваат покана од Европската комисија за состанок во Брисел по конференцијата на земјите членки на Шенген, на која треба да се разговара за измени на визната стратегија на Европската унија.

„Ако не се случат промени во наша корист, веќе следниот ден по конференцијата за визната политика ќе почнеме да планираме нови протести, односно нови блокади на граничните премини кон земјите од Европската унија“, изјави Љешњак.

Според него, меѓу 150 и 200 црногорски превозници во моментов не можат нормално да ја извршуваат својата работа поради ограничувањата поврзани со Шенген зоната.

Превозниците, сепак, посочуваат дека проблемите не се ограничени само на примената на EES. Тие се жалат и на ненавремен поврат на ДДВ, акцизи за гориво, како и на долготрајни царински и инспекциски контроли на границите.

Љешњак тврди дека не се почитува ниту законскиот рок од 60 дена за поврат на ДДВ, а не било исполнето ниту минатогодишното ветување за продолжување на работното време на фитосанитарните инспекции на граничните премини.

Тој истовремено ги отфрли тврдењата дека Србија ги поттикнува превозниците од Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина да организираат блокади.

Изјавата следува по коментарите на македонскиот министер за транспорт Александар Николоски, кој порача дека домашните превозници не треба да подлегнуваат на, како што рече, пропаганда која главно доаѓа од Србија.

Николоски претходно изјави дека македонската влада има билатерални договори со Романија, Хрватска и Швајцарија за долгорочни шенгенски визи за превозниците, а дека се водат разговори и со Унгарија, Австрија и Германија.