Производителите на пченица од Пелагонија бараат итна поддршка од државата поради ниската откупна цена на пченицата.
Тие предлагаат преку Интервентниот фонд да се обезбедат дополнителни 5 денари за секој откупен килограм, со што би се подобрила исплатливоста за земјоделците кои годинава пченицата ја продале по цена од само 9,5 до 10 денари за килограм.
Земјоделците бараат и побрза исплата на субвенциите за 2024 година, како и корекција на Програмата за субвенционирање за 2026 година.
Еден од клучните барања е и намалување или целосно запирање на увозот на пченица и брашно од Србија, за кој производителите сметаат дека дополнително врши притисок врз домашната цена и ја отежнува положбата на македонските земјоделци.
Производителите очекуваат институциите да ги разгледаат нивните барања и да преземат конкретни мерки за заштита на домашното производство и обезбедување поповолни услови за земјоделците.