Светските пазари се соочуваат со драстично намалување на количините на дизел гориво, предизвикано од затворањето на Теснецот Хормуз, воениот конфликт меѓу САД и Иран, како и рускиот извозен ембарго на дизел, што доведе до рекордно високи цени и стравувања од сериозна криза во снабдувањето пред зимскиот период. Експерти предупредуваат дека ситуацијата е „најсериозната дизел криза” во последните децении, а последиците веќе се чувствуваат и во САД и Европа.
Извозот на дизел од Русија, Блискиот Исток и Азија во јули бил 1,3 милиони барели дневно понизок споредено со истиот период лани, според податоците на Меѓународната агенција за енергија, што претставува околу 20% од вкупната светска поморска трговија со дизел. Пазарната аналитичарка Амрита Сен, основач на компанијата за пазарно разузнавање „Energy Aspects”, изјави дека дизелот моментално е „најнестабилниот пазар” од сите горива.
Кризата директно ги погодува и потрошувачите во САД, каде Агенцијата за енергетски информации оваа недела ја зголеми прогнозата за просечните цени на дизел во 2026 година на 4,85 долари по галон, наспроти претходно проектираните 4,61 долари. Агенцијата дополнително ја зголеми и прогнозата за 2027 година, од 4,02 на 4,07 долари по галон. Стручњаците предупредуваат дека повисоките цени на дизелот брзо се пренесуваат низ целата економија, бидејќи горивото ги движи камионите, градежната механизација, земјоделската опрема и другите тешки возила.
Дополнителен удар на светските капацитети за рафинирање дојде откако анализите покажаа дека рафинериите ширум светот минатиот месец преработиле 7,5 милиони барели помалку суровa нафта дневно, споредено со истиот период лани. Извршниот директор на компанијата „Шел”, Ваел Саван, предупреди дека европските земји би можеле да се соочат со недостиг на гориво веќе следниот месец, поради продолжената американско-израелска војна против Иран.
Иако сериозна регионална нестабилност веќе е присутна, Европа едвај избегна криза со керозин, Пакистан издаде совети за минимални резерви гориво за летовите, а Нигерија забележа нагло поскапување на цените на авионското гориво. Глобалната диспропорција помеѓу побарувачката и понудата на дизел останува клучниот фактор кој ги држи пазарите во тензија.
Иако сè уште нема потврдена национална криза со недостиг на дизел во повеќето земји, вклучувајќи ги и САД, аналитичарите се согласни дека структурниот проблем со дизелот е реален и долгорочен, а не само привремен пазарен шок. Со оглед на глобалната поврзаност на енергетските пазари, стручњаците препорачуваат внимателно следење на движењата на ценитем особено во земји како Македонија, кои зависат од увоз на нафтени деривати, а евентуалното продолжување на конфликтите на Блискиот Исток и рестрикциите на рускиот извоз би можеле дополнително да влијаат не само врз цените на пумпите во регионот во претстојниот зимски период, туку можни се и големи рестрикции поради недостиг на дизел.